Тутунски комбинат Прилеп со добивка од над два милиони евра
Тутунски комбинат АД Прилеп во 2021 оствари добивка во износ од 134,7 милиони денари (2.2 милиони евра), информира компанијата преку Македонската берза. Ова е трета година по ред, по 20 години поминати како еден од најголемите загубари во земјава, ТКП да прокнижува добивка од работењето. Во 2019 година добивката изнесуваше 39.220 илјади денари, а во 2020 година – 31.004 илјади денари.
Според извештајот доставен до Македонската берза, во 2021 година оперативните приходи изнесувале 1.105.363 илјади денари што претствува зголемување од 22% во однос на 2020 година, како резултат на пораст на приходите од продажба. Истовремено, и покрај предизвиците наметнати од растот на влезните инпути, компанијата успеа да ги одржи оперативните расходи речиси на исто ниво како и претходната година. Во 2021 година, финансиските приходи на компанијата се зголемиле од 107.929 илјади денари на 196.415 илјади денари, што претставува раст од 80% споредено со 2020 година.
Остварената добивка е резултат на продлабочувањето на соработката со стратешкиот партнер, што придонесе последните години да се подигнат стандардите за квалитет, продуктивноста да биде на максимално ниво, да се зголемат капацитетите, а со тоа и продажбата. Изминатите години Тутунски Комбинат Прилеп, благодарение на партнерството со Филип Морис Интернационал (ФМИ) во заедничката компанија ФМТКП, значително ја подобри инфраструктурата на производство со реновирање на производниот погон и подигнување на производствените стандарди, што овозможи и производство на нови квалитетни брендови од палетата на ФМИ. Позитивните финансиски резултати покажуваат дека компанијата ги исполнува планираните параметри, со тенденција да се продолжи со исто темпо и во наредните години.