Туристи од Европа доаѓаат по парче воздух на Пелистер

Реновираниот хотел „Молика“ е преполн ова лето. Тој е адут плус за развој на туризмот на Пелистер


Реновираниот хотел „Молика“

 

БИТОЛА – „Овде е многу убаво, планината е прекрасна, планинскиот воздух неверојатен, водата… ќе дојдеме повторно, тука се дише со полни гради, доаѓаме за парче воздух“, вака вели туристка од Чешка која овие денови престојуваше со група планинари во хотелот „Молика“ на Пелистер.

Бројни гости од Европа и посебно од Балканот ова лето одмараат во хотелот „Молика“ на Пелистер, особено што оваа сезона за првпат после 30 години хотелот е реновиран и дополнет со нови содржини.

Во моментов хотелот се подготвува за играорци од Турција кои деновиве ќе учествуваат на традиционалниот интернационален фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола кој трае од 19 до 31 јули.

„Наши гости деновиве ќе бидат играорци од Турција, кои наместо сместувачките капацитети во градот го одбра хотелот ‘Молика’ заради севкупниот амбиент и нашата понуда. Летната сезона ни започна со празникот Велигден и можеме да се пофалиме дека  во континуитет имаме гости од Чешка, Словенија, Холандија, Данска, Хрватска и најголем дел од балканските држави, Србија, Албанија, Грција и Бугарија. За викенди сме исполнети од 80 до 90 проценти од капацитетот“, изјави Николче Каровски од хотелот „Молика“ на Пелистер.

Реновираниот хотел „Молика“ е адут плус за развој на туризмот на Пелистер, оддалечен на околу 15 километри од Битола има преубав поглед кон градот Битола, демирхисарскиот крај, Пелагонија и Преспа. Па во летните месеци кога времето е ведро панорамата е прекрасна сѐ до Кајмакчалан и Грција.

„До пред Нова година успеавме да реновираме 70 проценти од сместувачкиот капацитет на хотелот, така што останаа за обнова уште дваесет соби, кои ќе бидат уредени до наесен. Обновена е целата инфраструктура од водовод, канализација, плочки, подови, имаме нова фасада на хотелот, обновен ресторан со 200 седишта… детско катче, и она што останува да се направи е спа центарот“, вели Каровски.

Мапа за планинските дестинации пред хотелот „Молика“

Пред хотелот „Молика“ е поставена нова мапа со легенда за секое место на Пелистер, со назнака колку километри има до одредена дестинација и за колку време пеш може да изоди патеката, тргнувајќи од хотелот „Молика“.  Оваа мапа се покажа како многу интересна не само за гостите на хотелот туку и за секој посетител на НП „Пелистер“, па туристите, рекреативците, планинарите, застануваат, мерат и премеруваат колку е часот и каде треба да се упатат.

„Мапата е одлична ти дава насоки на која надморска височина е на пример Историската патека или Копанки или Палиснопје… за колку време се поминуваат километрите, дали е лесна, тешка или многу тешка за искачување, и си го планираш времето“, вели посетител од Битола.

Гостинката од Чешка вели дека забава во хотелот и не е потребна. „Забава не ни треба, доаѓаме за планината, по планинарењето доволно е вкусна вечера и мек и удобен душек, а тоа го имаме“, вели таа.

Хотелот „Молика“ нема свои лиценцирани водичи низ планината, но ангажира надворешни од Битола кои зборуваат странски јазици и имаат одлични познавања од историјата на Пелистер и дестинации поврзани со Првата и Втората светска војни.

Во текот на оваа летна сезона се обновува патот кој води до НП „Пелистер“ и хотелот „Молика“. Реконструкцијата на патот е меѓу потпелистерските села Трново и Магарево кој е составен дел од асфалтирана сообраќајница до Националниот парк. Од локалниот пат се реконструираат 537 метри и сега е со тампон, пред асфалтирање. Делницата беше оставена во лоша состојба по поставување колектор за отпадни води по што Министерството за транспорт и врски не го санира патот. Општина Битола започна со темелна реконструкција.

Без добра патна инфраструктура не може да очекувате развој на туризмот велат туристичките работници.

Од општина Битола велат дека патот кој води до Пелистер е еден од проектите со кој локалната самоуправа инвестира во подобрување на патната инфраструктура во потпелистерскиот регион, изведба на колекторскиот систем и подигнување на квалитетот на животната средина.