Четврто издание на Детската трка на Виталиа во Скопје
На Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје денеска со почеток во 10 часот ќе се одржи четвртото издание на Детската трка на Виталиа, манифестација посветена на промоција на спортот, физичката активност и здравите животни навики кај децата.
Како што соопштува организаторот, речиси 1000 учесниците ќе се натпреваруваат на дистанци приспособени на возраста: 100 метри за деца од седум и осум години, 200 метри за деца од девет и десет години, 300 метри за деца од 11 и 12 години и 400 метри за деца од 13 и 14 години.
Покрај спортскиот дел, за посетителите се предвидени и дополнителни забавни содржини, музичка програма и активности за децата, како и едукативен корнер посветен на здравата исхрана и животни навики.
Организаторите нагласуваат дека настанот има пред сè рекреативен и едукативен карактер, насочен кон поттикнување на децата да се занимаваат со спорт уште од најрана возраст. Поради тоа, нема да има прогласување победници, а секое дете што ќе ја заврши трката ќе добие медал како признание за учеството и вложениот труд.