Во Маврово безаконие – никако да се заштити од бесправна урбанизација и недозволен лов
Националниот парк „Маврово“ повеќе од две децении чека целосно усогласување на законската рамка, додека во меѓувреме ловот, бесправниот риболов, нелегалната урбанизација и изградбата на мали хидроцентрали отвораат прашања за ефикасноста на заштитата на ова природно подрачје.
„Маврово“ е прогласен за национален парк на 19 април 1949 година, а денес е најголемото заштитено подрачје во државата. Еколошките организации предупредуваат дека паркот сè уште нема нов акт за прогласување, ниту план за управување и просторен план, кои се важни за долгорочната заштита и управување со природните ресурси.
Дополнителен интерес предизвика неодамна објавено видео на кое се гледаат странски државјани како ловат дивокози на македонските планини. Директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими, за „360 степени“ изјавил дека станува збор за санитарен отстрел на диви животни, кој се спроведува врз основа на согласности од надлежните институции и во рамките на одобрени програми.
Паралелно, управата на паркот спроведува засилени контроли против бесправниот риболов на Мавровското Езеро. Ренџерската служба при последните теренски активности отстранила незаконски поставени риболовни мрежи, а случајот бил пријавен во Полициската станица во Маврови Анови.
Од „Еко-свест“ предупредуваат дека долготрајниот правен застој создава простор за активности што можат да ги загрозат природните вредности на Маврово. Оттаму посочуваат на комерцијална сеча, комерцијален лов, мали хидроцентрали и нелегална урбанизација.
Еколошката организација и уште 21 здружение бараат итно да се заврши постапката за повторно прогласување на паркот, предлог-законот да биде ставен на јавна расправа и управувањето да се усогласи со научните наоди и предложеното зонирање.
Меѓу барањата е и воведување мораториум на активности и проекти што не се во функција на заштитата на природата, сè додека не се воспостави целосна законска рамка.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека постапката за повторно прогласување на Националниот парк „Маврово“ треба да биде финализирана. Според Министерството, со тоа ќе се создадат услови за донесување план за управување, кој треба да биде основен документ за функционирањето и управувањето со паркот.
Од институцијата додаваат дека се отворени за организирање јавна расправа доколку такво барање биде поднесено од граѓанските организации.