Турција ќе ја чека разврската за владеењето на Ердоган во вториот круг

За прв пат досега турскиот претседател не постигна победа во првиот круг. Исходот од гласањето е разочарувачки и за кандидатот на здружената опозиција Киличдароглу


 

Рекордно високиот одѕив од 88 отсто на жестоките избори го постави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред најголем предизвик за неговото лидерство во последните две децении со назнака дека гласањето оди кон вториот круг, дури и кога Ердоган се обиде да навести победа пред да заврши официјалното пребројување на гласовите.

Говорејќи пред радосната толпа поддржувачи, енергизираниот и воодушевен Ердоган изјави: „Фактот што изборните резултати сè уште не се финализирани не го намалува фактот дека изборот на нашата нација е очигледно во наша корист“.

И покрај тоа што турскиот Врховен изборен совет, ИСК, изјави дека пребројувањето сѐ уште не е завршено ниту на парламентарните ниту на претседателските избори, Ердоган тврди дека неговата алијанса освоила мнозинство.

„Веруваме дека ќе завршам со над 50 отсто во првиот круг“, додаде тој, проектирајќи целосна победа на претседателските избори без потреба од втор круг.

Резултатите што утринава ги објави Врховниот изборен совет (ИСК) со отворени 99 отсто од избирачките кутии, Ердоган освоил 49,40 отсто, а неговиот главен ривал, кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу, 44,96. Трет е националистот Синан Оган со 5,28 проценти.

Во гласови – Ердоган има 2,2 милиони повеќе: 26 милиони наспроти 23,8.

Киличдароглу, возврати во попригушен говор: „И покрај сите негови лаги и напади, Ердоган не го доби посакуваниот исход. Никој не треба да биде ентузијаст дека ова е завршена работа. Изборите не се добиваат на балкон“, рече тој, алудирајќи на востановената практика Ердоган своите победи да ги објавува ноќта на изборите од балконот на седиштето на партијата во Анкара.

Една од приоврзеничките на претседателот Ердоган пред седиштетот на партијата АКП (Фото: АП)

Тој додаде: „Дефинитивно, дефинитивно ќе победиме на овие избори во вториот круг. Сите ќе го видат тоа. Прелиминарните резултати покажуваат дека Ердоган не ја доби довербата на јавноста што ја очекуваше. Потребата за промена во општеството надминува 50%. Губењето на гласовите на АКП го покажува и тоа. Процесот на внесување [изборни] податоци е во тек. Ако нацијата се одлучи за втор круг, тоа е повеќе од добредојдено“.

Официјални лица од изборниот совет се обидоа да ги смират сите тензии околу раните резултати објавени од државната новинска агенција, поради гневот од водечките опозициски фигури и тврдењата дека владата побарала повторно пребројување на гласачките ливчиња во областите кои веројатно ќе донесат победа за Киличдароглу.

„Нема прекини или одложувања“, рече претседателот на ИСК, Ахмет Јенер, за време на една од повеќекратните прес-конференции наменети да се разјасни процентот на официјално преброени гласови. Бројката на ИСК е постојано 20% помала од онаа што ја објави државната новинска агенција Анадолија, која наместо тоа ги опиша „гласачките кутии отворени“ на својата веб-страница.

Мапата на изборните резултати: во жолто се регионите каде победи Ердоган, а во црвено онаму каде што победи Киличарогглу

Во кусиот говор Киличдароглу рече: „Во гласачките кутии каде што нашите гласови се високи, тие го блокираа системот со повеќекратни приговори. Има постојани приговори, на пример, за 200 гласачки кутии во Анкара и 783 гласачки кутии во Истанбул. Има гласачки кутии каде гласањето е оспорено шест пати, 11 пати. Тоа што го блокирате е волја на Турција. Не можете да спречите тоа да се случи со овие приговори“.

И за Ердоган и за Киличдароглу резултатите од изборите претставуваат и победа и пораз во исто време. За ердоган е важно што води, но е силен удар за него што за прв пат тој или негов кандидат не успеа да победи во првиот круг. Резултатот на Ердоган е спротивен на анкетите од последниот месец кои му даваа предност на Киличдароглу, па дури и можност за победа во првиот круг.

Киличдароглу може да биде задоволен што досега немал никој во изборна пресметка со Ердоган, но крајниот резултат е разочарувачки за него, заостанува 2,2 милиони гласови. Она што е голем успех за Киличдароглу е што тој победи во сите региони што се светската претстава за Турција. Киличдароглу (кој е лидер на секуларната Републиканска народна партија) победи во европскиот дел на Турција, во Истанбул и Анкара, во измир и Анталија, во сите региони што се на брегот на Егејското и Средоземното Море, како и во регионите на исток каде што доминираат Курдите. Ердоган и понатаму ги држи под цврста изборна контрола просторите кои секогаш му ја носат победата – брегот покрај Црно Море и срцето на Анадолија.

Она што е многу добар резултат за претседателот Ердоган што неговата партија АКП и нејзините сојузници однесоа победа на парламентарните избори што се одржуваа вчера, исто така. Во 600-члениот парламент тие, според неофицијалните резултати ќе имаат 321 место. Неочекувано добро, наспроти сите предвидувања на анкетарите помниаа жестоките десничарски националисти од партијата МХП (партнер на Ердоган) освојувајќи 10 отсто од гласовите и 50 пратенички места. Изборниот праг е 7 отсто, а аналитичарирте не беа убедени дека МХП ќе го помине.

Партијата на Ердоган, АКП, има 266 места, додека ЦХП на Киличдароглу 169, а нејзиниот десничарски сојузник Добра партија, 44. Традиционално партијата на Курдите, овој пат во коалиција со зелените левичари и неколку други партии има добар резултат и има 62 пратеници.

Успехот на парламентарните избори може да биде голем поттик за Ердоган за вториот круг бидејќи турските гласачи може да се определат да не ја делат власта за да не биде неефикасна. (Љ.П.)