Тунис на чекор да се врати кон автократија по „државниот удар“ на претседателот
Каис Саед се повика на членот за итност од уставот за да го распушти парламентот и да го смени премиерот по насилните протести против најголемата партија
Тунис, честопати споменуван како единствена успешна приказна во револуциите на Арапската пролет пред една деценија, се соочува со критичен предизвик за својата нова демократија, откако неговиот претседател Каис Саед, го суспендираше парламентот и го разреши премиерот, потег што критичарите го опишаа како државен удар.
Саед, независен без партија зад него, објави дека се повикува на членот за итност од уставот на Тунис во неделата вечерта по денот на насилни протести против најголемата партија во земјата, умереното исламистичко движење Енахда.
Тунис беше преплавен со весела толпа што вееше знамиња и свиреше со автомобилски сирени заедно со огномет по изјавата на Саид, во сцените што потсетуваа на протестите во 2011 година со кои беше симнат долгогодишниот автократски владетел на земјата, Зине Абедин Бен Али.
„Ослободени сме од нив“, рече Ламија Мефтахи, жена која се придружи на прославите. „Ова е најсреќниот момент од револуцијата“.
Расположението на улиците на Тунис по објавата на Саид беше истовремено олеснување и патриотизам, при што химната гласно се пееше низ градот, но не е јасен степенот на народната поддршка на Саид – и што следува потоа.
Малата армија на земјата, за која се смета дека е надвор од политиката, беше пречекана од радосно од демонстрантите кога се распореди преку ноќ, дури и кога војниците го опколија парламентот и го блокираа влезот на зградата за спикерот на парламентот, лидерот на Енахда, ветеранот Рачед Ганучи.
Во понеделникот, Ал Џезира објави дека во нејзиното биро во Тунис биле извршени рации од безбедносните сили и дека сите нејзини новинари биле протерани од просториите.
Брзата дестабилизација и стравувањата од враќање на автократското владеење доаѓаат како гнев на Тунижаните од една од најтешките епидемии на корона вирусот во Африка и неспособноста на поделената политичка класа да се справи со хроничните економски проблеми, конечно зовре.
Илјадници луѓе се спротивставија на ограничувањата на Ковид-19 што предизвика судири со безбедносните сили во градовите низ целата земја во неделата.
Повеќе од 18.000 луѓе во земјата со 12 милиони жители починаа од корона вирус од почетокот на пандемијата, јавните здравствени услуги се пред распаѓање а туристичката индустрија пред распаѓање две години по ред. Таа сочинува 16% од БДП на Тунис.
Десетици апсења беа извршени кога демонстрантите повикаа на распуштање на парламентот и предвремени избори, во демонстрациите организирани од новата група наречена Движење 25 јули. Полицијата употреби солзавец за да ги растера толпите додека луѓето фрлаа камења и се обидоа да упаднат во канцелариите на Енахда во неколку градови. Во Тозеур беше запален локалниот штаб на партијата.
Додека поддршката за одлуката на претседателот доминираше и на социјалните медиуми, законитоста на овој потег останува неизвесна. Саид, кој е професор по уставно право, тврди дека постапува во рамките на законот.

Набљудувачите, сепак, веќе предупредуваат дека одлуката за повикување на членот 80 од уставот, кој му овозможува на претседателот да преземе „исклучителни мерки во случај на непосредна опасност што им се заканува на институциите на нацијата“, всушност се претвора во целосна извршна моќ за неодреден временски период. Заедно со смената на премиерот, Хичем Мечичи и суспендирање на парламентот на 30 дена, укинат е и имунитетот на пратениците.
„Ова не е само за Енахда, туку за политичкиот систем и сите партии. Каис Саид рече дека е против репрезентативната демократија, како што гледаме во Европа (која се потпира на партиите). Тој има идеја за поинаков вид демократија“, рече активистката Хенда Ченауи.
Долгогодишната визија на претседателот беше демократија ослободена од партиски врски со делегати именувани врз основа на локални заслуги, кои потоа би ги назначиле слоевите над нив. Ченауи додаде: „Тој изгради сојузи во рамките на армијата и министерството за внатрешни работи. Тој знае дека луѓето се уморни. Тој ја доби поддршката што ја очекуваше. Ова е за целиот политички систем… Тој не успеа. Поминаа 10 години и не успеа“. Ганучи од Енахда беше меѓу неколкуте пратеници кои инсистираа на тоа дека парламентот ќе продолжи да работи и покрај потегот на претседателот, одржувајќи итна седница во понеделникот, која може да се спроведе преку Интернет, доколку е потребно.
Во телевизиско обраќање во воен стил во неделата вечерта, Саед ја наведе загриженоста за немирите во јавноста како причина за неговата одлука да го суспендира парламентот и ги предупреди противниците да не реагираат со насилство.
„Ние ги донесовме овие одлуки… сè додека социјалниот мир не се врати во Тунис и додека не ја спасиме државата“, рече тој. „Предупредувам секој што ќе помисли да прибегне кон оружје… и кој испука еден куршум, вооружените сили ќе одговорат со куршуми“.
Ганучи рече дека претседателот не се консултирал со него и премиерот како што налага законот, нарекувајќи го државен удар и „напад врз демократијата“.
Ганучи и премиерот Мечичи, кој е независен но е усогласен со исламистичката партија, се во тежок политички ќор-сокак со Саид од 2019 година, кога претседателот беше избран во огромномнозинство.
Саед претходно се закануваше дека ќе го распушти парламентот и ќе го разреши премиерот како начин да се изврши ремонт на сложениот политички систем зафатен од корупција.
Во деценијата откако е сменет Бен Али, Тунис имаше девет влади. Последните избори донесоа фрагментиран парламент во кој ниту една партија немаше повеќе од четвртина места. (Според агенциите)