Тунелот на Деве Баир нема да заврши на слеп колосек: Бугарија објави тендер за пругата кон Македонија

Проценетите трошоци за 2,4 километри од Ѓуешево до границата се 57 милиони евра, а за поправка на железничката линија Радомир - Перник од 17 километри - 231 милиони евра


(Фото: С. Јовановска)

Споровите меѓу Бугарија и Северна Македонија во врска со изградбата на стратешкиот Коридор 8, кој треба да го поврзе Црното Море со Јадранското Море, се чини дека веќе се надминати со помош на Европската комисија.

Денес, Националната компанија „Железничка инфраструктура“ (НРИК) објави тендер за изградба на 2,4 километри пруга од Ѓуешево до границата со Северна Македонија и за реконструкција на железничката делница од Радомир до Перник, за вкупна вредност од над 576 милиони лева (околу 288 милиони евра). Рокот за завршување на изградбата е 2029 година, објави бугарското Министерство за транспорт и врски.

Изградбата на двете инфраструктурни делници ќе се потпира на европско финансирање. Последните 2,4 километри на бугарска територија се предвидени за финансирање во програмата „Транспортна поврзаност“ 2020 – 2027 година. Реконструкцијата на делницата од Радомир – Перник првично беше предвидена за финансирање во истата програма, но изненадувачки во март бугарската влада го повлече проектот, пишува Медиапул.бг.

Бугарскиот портал потсетува дека следеше ескалација на тензиите меѓу Софија и Скопјe, како и дека пред десетина дена, на состанок во Брисел, двете земји ја потврдија пред Европската комисија својата посветеност за завршување на Европскиот Коридор 8.

Инаку, јавната набавка за последните 2,4 километри од железничката станица во Ѓуешево до границата со Северна Македонија има проценета вредност од 114 милиони лева (57 милиони евра) без ДДВ.

Нарачката е за инженерство – проектирање и изградба на железничка линија од 2,4 километри, како и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, која ќе стане гранична патничка и товарна станица за Шенген.

Рокот за поднесување понуди е заклучно со 5 септември.

Последните 420 метри од трасата се издвоени како посебна ставка во тендерот, бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел. Само на овој начин нема да биде попречено работењето на тешката механизација што се користи за тунелските работи, наведува Министерството за транспорт.

Рокот за завршување на активностите е до крајот на 2028 година за целата делница, со исклучок на наведените 420 метри.

Втората јавна набавка е за модернизација на делницата од 17 километри од Перник до Радомир со проценета цена од 462 милиони лева (231 милиони евра).

Тендерот е исто така за инженерство – проектирање и изградба.

Проектот вклучува изградба на двојна железничка линија за брзина од 160 км/ч, реновирање на станиците и постојките по трасата и отстранување на сите нивелирани премини со патен сообраќај и пешаци за поголема безбедност.

Рокот за завршување е средината на 2029 година.

Медиапул потсетува дека на крајот на јуни, на состанокот со вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, бугарскиот вицепремиер Гроздан Караџов изјави дека изградбата на железничката врска која што недостига на бугарска територија ќе започне во јули. Двајцата се согласија да го забрзаат потпишувањето на договорот за заедничка изградба на тунелот.

Пред неколку дена, бугарската страна доби одговор од Северна Македонија за нацрт-договорот предложен во јануари оваа година, пишува порталот.

Бугарската страна нема забелешки на измените испратени од Македонија и ќе предложи да се договори датум за потпишување на документот, се вели во соопштението на бугарското Министерство за транспорт.

На 18 јули во Брисел, Бугарија и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност на финализирање на недостасувачките железнички делници од Коридорот 8. Средбата беше организирана од Генералниот директорат на Европската комисија за проширување и источно соседство (DG ENEST).

Бугарската страна презентираше план за завршување на железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, во кој се утврдени клучните пресвртници, вклучувајќи го и повторното започнување од страна на Северна Македонија на тендерот за градежни работи на делницата помеѓу Крива Паланка и влезот во прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година.

Во врска со заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево (Бугарија) и Деве Баир (Северна Македонија), двете страни се согласија да формираат работни групи за финализирање на текстот на меѓувладиниот договор предложен од Бугарија на 15 јануари 2025 година до крајот на јули.

Се очекува потпишувањето на Договорот да се случи оваа есен, што би го отворило патот за почеток на градежните работи, се вели во соопштението на бугарското Министерство за транспорт.

За време на состанокот, двете страни се обврзаа да ги истражат најсоодветните можности за аплицирање за финансирање од ЕУ или други финансиски институции за заедничка изградба на тунелот.