Трипуновски тврди дека во Македонија е увезено канцерогено млеко од Србија

На 21 септември оваа година во Македонија е увезено преку 20 тони трајно млеко од Република Србија, со рок на важност до 3-ти февруари 2024 година и истото е пуштено во промет иако во млекото е детектиран амфлатоксин М1 над максималното дозволено ниво. И со тоа истото е штетно за пиење и може да предизвика труење и други компликации по здравјето на граѓаните, тврди Цветан Трипуновски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Наодите од лабораторијата, според него, покажуваат дека иако млекото содржи канцерогенци материи ги поминало сите контроли и како такво со штетни супстанци е дозволен влез во Република Македонија.
„Николче Бабовски е тотално промашување за АХВ. Наместо целосна контрола при увоз на храна, АХВ под раководство на Бабовски свесно пушта во употреба производи со канцерогени материи“, вели тој.
Афлатоксините кои се пронајдени во млекото, според Трипуновски, се познати во светот како најважни микотоксини во храната и добиточната храна поради нивната хепатотоксичност и канцерогеност.
Дополнително, тој тврди дека и во сурово млеко во една од поголемите млекари во Македонија детектирано е ниво на афлатоксин М1 кое ги надминува максималните нивоа дозволени согласно Правилникот за општите барања за безбедност на храната.
„АХВ и Бабовски да одговорат што е направено со таквото млеко и дали истото е веќе завршено на македонската трпеза како сурово млеко или е преработено во сирење, кој е препознатлив бренд на оваа млекара во Република Македонија?“, прашува Трипуновски.