Трипуновски потврди дека член на ВМРО-ДПМНЕ е уапсен за земање поткуп

Дополнителниот заменик-министер од редовите на опозицијата, Цветан Трипуновски, се огради преку Фејсбук од член на партијата, а според извори од СДСМ и негов близок соработник, кој денес е фатен како зема стотици евра поткуп.
„Најостро го осудувам криминалното дејствие на лицето И.Г., вработено во Платежната агенција, кое уценувало земјоделци и барало поткуп. Ги повикувам надлежните органи веднаш да реагираат и целосно да го расветлат случајот до крај, а лицето И.Г. да одговара за своите криминални дејанија согласно закон.
ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ не поддржува криминал, без разлика дали лицето кое го сторило е симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или која било друга партија. Криминалот мора да биде санкциониран“, напиша Трипуновски на Фејсбук.
Претходно структури блиски до СДСМ објавија дека станува збор за Игор Гоцевски, вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и дека тој е уапсен денес заради кривично дело – примање поткуп.
Кај Гоцевски биле пронајдени стотици обележани евра кој тој им ги барал на земјоделци за возврат да им одобри субвенции. Гоцевски, според нив, е дел од тимот на заменик-министерот од ВМРО-ДПМНЕ во МЗШВ, Цветан Трипуновски.