Тринаесет лица осомничени за сомнителни набавки и дистрибуција на мазут


Уапсени 11 лица, еден во притвор, а еден во бегство- е епилогот од полициската акција вчера  во врска со испораките на токсичен мазут на термоелектраната Неготино, со кој се загадуваше  животната средина. Полициски службеници извршија рации на повеќе локации во Скопје, Битола и Кичево за да обезбедат докази поврзани со кривичните дела кои се товарат против осомничените, а тоа се злоупотреба на службената должност и перење пари.Од досегашните рации пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефони, околу 1.500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три возила.

Ова се лицата за кои се поднесени кривични пријави:

  1.  Асмир Јахоски (40) – Пласница
  2.  Ратко Капушевски (38) – Скопје
  3.  Васко Ковачевски (55) – Битола
  4.  Ерџан Сулкоски (43) – Кичево
  5.  Ардијан Муча (44) – Скопје
  6.  Ружди Рамадани (48) – Желино
  7.  Никола Стојановски (61) – Маврово и Ростуше
  8.  Данчо Стојановски (43) – Велес
  9.  Емил Пецаков (52) – Скопје
  10.  Марија Нешковска (60) – Скопје
  11.  Благица Марковиќ (51) – Скопје
  12.  Душица Сеизовска Јовановиќ (43) – Куманово
  13.  Добрила Стефановска (66) – Скопје

Директорот на РКМ, Ратко Капушевски, кој во јавноста е познат како близок соработник на Никола Груевски, е меѓу најпознатите имиња, а инволвиран е и синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски.

На списокот на обвиненија на полицијата се наоѓа и името на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој долго време е во бегство поради друг случај во кој се гони, познат како „Адитиви“. Понатаму, кривична пријава е поднесена и против поранешниот директор на ЕСМ и функционер на ДУИ, Ардијан Муча, но и против Ерџан Сулкоски, бизнисмен познат во јавноста како деловен партнер на зетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Покрај нив се споменуваат и други лица како Ружди Рамадани, Никола Стојановски, Данчо Стојановски, Емил Пецаков, Марија Нешковска, Благица Марковиќ, Душица Сеизовска Јовановиќ и Добрила Стефановска.