Тричлено семејство и двајца водичи и натаму се заробени во пештера во Словенија: „Нема евакуација до утре“
Пет лица се заробени во пештера во југозападна Словенија од вчера попладне, откако обилните дождови го подигнаа нивото на водата, а спасувачите не можеа безбедно да ги извлечат, јавија денеска локалните медиуми. Тричлено семејство (мајка, татко и ќерка) и двајца туристички водичи се засолниле на безбедно место во Крижна јама долга 8,2 километри, до која може да се стигне само со чамец.
Спасувачките нуркачи во неколку наврати доаѓале кај нив, им обезбедувале храна, вода, сува и топла облека, загреан шатор и светлина.
Шефот на штабот за цивилна заштита доцна вечерва за словенечките медиуми изјави дека евакуацијата сигурно нема да се изврши до утре, со оглед на временските услови, односно нивото на водата и нивото на подземните води. Тој посочи дека нема да се евакуира доколку водата почне да се повлекува, односно додека не се гарантира безбедноста на сите учесници во евакуацијата, вклучително и оние петмина заробени во пештерата.
„Состојбата на водата е како што беше цел ден, има минимален пад“, објасни Санди Курк за 24ur околу 19:30 часот. Тој рече дека водата веќе била на ова ниско ниво, но потоа повторно се зголемила поради врнежите.
„Во оваа ситуација, и да почне да се повлекува водата, нема да има евакуација од пештерата барем до утре“, рече тој и објасни дека евакуацијата ќе се изврши кога ќе ги имаат „сите професионални и лични убедувања дека сите пет заробените како и сите спасувачи ќе можат безбедно и здраво да се евакуираат од пештерата“.
„Мораме да бидеме свесни дека ова се екстремни услови за спасување и нуркање. Водата е 6 степени, видливоста е три до пет сантиметри, а подземните води се движат со немерлив проток“, објасни Курк.
Во случај водата да не падне, ќе се обидат да обезбедат подобри услови за комуникација на заробените луѓе со надворешниот свет.