Три столба на претседателството на Ирска со ЕУ

Ирска ќе работи со ЕУ и властите во Скопје дали може да се постигне напредок на европскиот пат


 

Конкурентноста, вредностите и безбедноста ќе бидат трите столба на ирското претседателство со Советот на Европската Унија во втората половина на 2026 година, при што проширувањето останува меѓу приоритетите на Даблин, а Македонија може да смета на ирската поддршка на патот кон членството во ЕУ. Ова беа дел од заклучоците на амбасадорот на Ирска за Македонија, со седиште во Букурешт, Брендан Вард, кој во Собранието денеска ја претстави програмата на ирското претседателство.

Вард рече дека Даблин ќе работи според стратешката агенда на ЕУ за периодот 2024 – 2029 година.

„Имаме амбициозен план со три теми, кои ќе го обликуваат претседателството: конкурентноста, вредностите и безбедноста. Тие ќе ги одразуваат столбовите на стратешката агенда за периодот 2024 – 2029 година, договорена од Европскиот совет“, рече Вард.

Тој нагласи дека проширувањето ќе остане значаен приоритет на Ирска.

„Проширувањето на Унијата е значаен приоритет за Ирска. Ќе работиме кон завршување на пристапните преговори со Црна Гора и ќе настојуваме да постигнеме суштински напредок во преговорите со Албанија, Украина и Молдавија“, посочи ирскиот амбасадор.

Тој порача дека Ирска ќе ја поддржи Македонија на патот кон членството во ЕУ.

„Ќе работиме заедно со партнерите во Унијата и со властите во Скопје за да видиме каков напредок може да се постигне“, посочи тој.

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков рече дека владата останува посветена на реформите и очекува тие да бидат соодветно вреднувани.

Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, ја нагласи важноста на побрзата интеграција на регионот во европскиот пазар и потсети на историската поврзаност меѓу македонските евроинтеграции и Ирска.

Осврнувајќи се на пристапниот процес на земјата, тој порача дека „историските фрустрации и настаните што се случиле пред 100 или 150 години да бидат детерминанта за она што треба да се случува утре во нашата заедничка европска иднина, според нас, не претставуваат релевантни параметри за процесот на проширување“.

Членот на Националниот совет за евроинтеграции, Драган Секуловски, предупреди дека европските и советодавните програми за медиумски слободи и владеење на правото не смее да бидат прекинати.

„Жалам што морам да констатирам дека сегашната, трета фаза, на една од овие програми на Советот на Европа трае до декември 2026 година и засега нема најава за нејзино продолжување“ – рече Секуловски.

Тој побара поддршка од ирското претседателство за продолжување на регионалните програми и посочи дека „темата е многу поширока бидејќи се однесува на заштитата на сите граѓани што учествуваат во јавниот живот и придонесуваат кон демократскиот развој на општеството“.

Пратеникот од Алијансата за Албанците, Халил Снопче, порача дека евроинтеграциите зависат, пред сѐ, од домашните реформи.

„Ниедно претседателство со Европската унија не може да го надомести недостигот од реформи. Не може да ги замени политичката волја, чувството за одговорност и вистинската посветеност на европските вредности“, рече Снопче.

Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, го искористи мотото на ирското претседателство како порака до домашните политички актери.

„Со години сме заглавени во истите ровови и во истата матрица. Власта ја обвинува опозицијата, опозицијата ја обвинува власта, а државата стои во место“, истакна Зајкова.

Таа повика на национален договор за европската агенда оценувајќи дека „крајно време е да престанеме да управуваме со европската агенда како со политички конфликт и, конечно, да почнеме да ја третираме како заедничка национална цел“.