Третоодделенци од Илинден место на екскурзија останаа на паркинг – не дошле автобусите!

Од агенцијата „Кондор“ велат дека денеска реализираат повеќе екскурзии, а на списокот го нема училиштето „Гоце Делчев“ од Илинден


Илустрација (Фото: Б. Богдановска)

120 третоодделенци од ООУ „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, кои денеска требаше да заминат на еднодневна екскурзија во Крушево, останаа на паркингот од училиштето, затоа што не дошле автобусите. Училиштето не потпишало договор со агенцијата „Кондор“, која ја добила јавната набавка пред неколку месеци, врз основа на законскиот услов, најниска цена.

Автобусите кои требаше да заминат за Крушево со третоодделенците од Илинден, денеска превезувале други ученици на екскурзија во Охрид.

– Екскурзијата на третоодделенците од нашето училиште, кои денеска требаше да заминат за Крушево, не се реализира, затоа што имаме некој краток пропуст, агенцијата со која имаме договор не го испочитува – вели директорката на ООУ „Гоце Делчев“ Душанка Крстевска.

Според неа, автобусите на агенцијата „Кондор“ не дошле утрово да ги соберат децата, затоа што немале потпишано договор.

– Децата беа на паркингот, на зборното место од кадешто тргнуваме. Потоа ги преместивме во дворот на училиштето, но родителите беа гневни, па си ги однесоа децата дома – вели Крстевска.

Иако, оваа агенција се јавила на објавениот конкурс за јавна набавка, договор не бил потпишан тврди Крстевска. Потоа, ја одложиле екскурзијата за Крушево, која првично била закажана за 25 мај, за денеска, 5 јуни, а од агенцијата велат дека ниту добиле датум, ниту список, ниту договор од училиштето.

– Требаше да дојдат. Сето тоа беше кажано – вели Крстевска, но признава дека тоа било само устен договр, а за тоа нема пишан документ.

Од агенцијата „Кондор“ велат дека денеска реализираат повеќе екскурзии, а на списокот го нема училиштето „Гоце Делчев“ од Илинден.

Илустрација (Фото: Б. Б.)

 

-Во врска со вашиот допис, ве известуваме дека со Училиштето немаме дефиниран термин за реализација на екскурзијата, немаме склучено договор ни бројки на деца кој ни требаат за да извадиме и банкарска гаранција. Не ни е јасно како си го одредиле сами терминот без да не контактираат и без договор и гаранција, велат за „Независен“.

Кај нив се јавувале и родители на учениците, но нивните автобуси се распределени по други ексурзии, според списокот кој го имаат и со оние со кои потпишале договор.

Тврдат дека училиштето не им испратило ниту договор, ниту датум за реализација на екскурзијата, ниту пак список на ученици.

– Агенцијата понуди веднаш за утре да се реаализира истата екскурзија, но да видиме дали може да се испочитува целата процедура – вели Крстевска, кој веќе разговарала со претставници на агенцијата.

Додава дека до крајот на учебната година, оваа екскурзија ќе се реализира, а таа е подготвена да преземе одговорност за пропустот.

Родителите на учениците кои не заминаа на екскурзија сметаат дека директорката треба да си замине од директорското место.

Од Општина Илинден, под чија надлежност е основното училиште, велат дека се запознаени со случајот од утрово. Сметаат дека директорката треба да понесе одговорност, затоа што требало подобро да ја организира екскурзијата, но велат дека им треба време да поразговараат со сите, за да се донесе одлука за следните чекори.

Крстевска 12 години е директор на училиштето, а вели дека вакво нешто досега не се случило, иако досега организирала безброј ексурзии.