Трета регионална конференција на сметководители
Под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина“, денеска во Скопје ќе се одржи Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители.
Како што е најавено, конференцијата ќе обедини над 1.000 учесници од земјава и регионот, претставници на институции, професионални организации, академската заедница и деловниот сектор, а поздравни обраќања ќе имаат министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и претседателката на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), Весна Прентоска.
На конференцијата се предвидени панел-дискусии и тематски сесии посветени на дигиталната трансформација на сметководствената професија, усогласувањето со меѓународните стандарди, како и улогата на професијата во современото економско опкружување. Предвидено е и потпишување меморандум за соработка помеѓу ИСОС и Стопанската комора на Северна Македонија. Меморандум ќе го потпишат претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и претседателот на Комората, Бранко Азески.
Во рамки на конференцијата ќе се одржи и Саем за дигитализација, на кој ќе бидат презентирани современи софтверски решенија и алатки наменети за сметководителите.
Според ИСОС, особено внимание на конференцијата е посветено на младите, преку одржување на подкаст сесија „Повеќе од само бројки“, на која ќе се отвори дискусијата за новите вештини, очекувања и можности за новата генерација сметководители, како и нивната улога во трансформацијата на професијата.