Трендафилов: Се соочуваме со опасности на работните места, но и кога доаѓаме и се враќаме од работа


 Загрижува што покрај опасностите со кои се соочуваме на нашите работни места, се соочуваме и со опасности кога доаѓаме и кога се враќаме од работа. За жал, пред две недели животот го загубија тројца работници, враќајќи се од работа дома кај своите семејства, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, по повод одбележувањето на Европската недела на безбедност и здравје при работа.

Покрај потребата од раст на платите, во фокусот на ССМ, Трендафилов нагласи, дека е безбедно и здраво да дојдеме до работа, да сработиме и да се вратиме до дома. 

–  За жал, брзањето да не задоцниме на работа. Брзањето да сработиме и брзањето да заработиме, понекогаш чини човечки животи и сметам дека сите заедно треба напорно да сработиме за да спречиме макар и една загуба на еден човечки живот и мислам дека тоа ќе биде еден од најголемите успеси, изјави Трендафилов. 

Според Трендафилов, и работодавачите, чија одговорност е да ги спроведат мерките за безбедност и здравје при работа, како и креаторите на политиките, треба да воведат дополнителни мерки кои ќе значат спасување на животите на работниците.