Траорно сведоштво на добрите луѓе на Манчевски


Документарецот „Добри луѓе “ на Милчо Манчевски за трагедијата во Кочани, почнува во тишината на оризовите полиња, снимени со дрон и со мрачен рефрен на виолончело од Новоградска . Идиличен пејсаж, светлина, вода, бавен ритам – свет што изгледа далеку од секоја трагедија. Тоа е увертирата пред најтрауматската македонска ноќ: пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Потоа идилата се распаѓа.

Низ сведоштвата на преживеаните и некои од родителите , без музика, со соговорници седнати пред црни завеси и снимени во среден план, само еден месец по трагедијата во која загинаа 63 млади луѓе, ноќта се реконструира не како статистика или настан, туку како траума што продолжува да живее во луѓето и жителите во Кочани. Стравот, вината, беспомошноста, звукот, чадот, имињата, оние што не се вратиле дома – секој раскажува  од сопствената пукнатина.

Документарецот од 86 минути започнува со опишување на трагедијата во ноќниот клуб, при што преживеаните  на некои од нив може да се забележат траги од изгореници на вратот и рацете споделуваат морничаво слични искуства. Почетокот на пожарот нашироко бил погрешно сфатен како специјален ефект што го извела „ДНК“ која во тој момент настапувала, а пламените јазици се ширеле побрзо отколку што посетителите можеле да сфатат што се случува.

„Очите ми видоа толку многу работи кои мозокот не можеше да ги обработи“, вели една од поелоквентните соговорнички, млада жена со шокирани очи и испеглана коса, која ги изгубила сите свои пријатели во несреќата. Продолжувајќи хронолошки низ ноќта, соговорниците се присетуваат како се пробивале низ хаосот од луѓе што трчале кон излезот; и како оваа фатална стампедо-трка, заедно со условите во кои се задушувале, ги онесвестувала луѓето, создавајќи „тепих од мртви деца“, под кој биле заробени уште луѓе, а некои понекогаш и умирале од задушување, сето тоа додека „гореле живи“.

Слоганот на документарецот  „кога добрите луѓе горат во пеколот“ звучи немалку грубо, но описите на луѓе кои излегуваат од клубот изгорени и голи, со облеката и обувките искинати или соблечени во турканицата при бегството; или на жртви чии тела се жешки на допир, со кожа што им се топи и се одвојува од коските додека спасувачите ги извлекуваат од под купишта трупови, секако ја оправдуваат метафората. Спротивно на очекувањата, филмот се откажува од уредни наративи за преживување и херојство. Етиката и нормалното човечко однесување се потиснати од „чист животински инстинкт“ и „клоцање, гребење и гризење“. Визијата на Манчевски за најцрната ноќ , каде не беше дозволено медиумите да снимаат и да земаат изјави, дури и на погребот на починатите млади луѓе, „е фрапантно аскетски и неукрасен“.

Постои причина за длабокиот ужас што Манчевски го слика овде. Како што објаснува една од соговорничките, таа чувствува „недостоинство“ поради тоа што толку длабоко била повредена од она што го преживеала и на кое била сведок.

„Добри луѓе“ не ги истражува структурните недостатоци и причините што овозможиле да се случи оваа катастрофа, но нè потсетува на леснотијата со која нашиот современ свет може да се врати во средновековните времиња и на одговорноста што ја имаме да го спречиме тоа.

Со светската премиера во документарната конкуренција во Сараево, „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски го остава поширокиот политички контекст на новинарите. Не ги обработува огромните институционални пропусти што ѝ претходеле на несреќата и го зголемиле бројот на жртвите. Наместо тоа, со 20 сведоштва од прва рака на жртви и сведоци, ја оживува морничавата хронологија на трагедијата исклучиво преку нивните сведоштва. Резултатот е морничав портрет на општествениот колапс, чија сила се темели врз зборовите и лицата на преживеаните. 

И кога приказната стигнува до својот крај, филмот повторно се враќа кај оризовите полиња.

Истата вода, истатат тишина. Истиот пејсаж.

Само што по се што сме слушнале, повеќе не можеме да ги гледаме на ист начин.

Од оризовите полиња до оризовите полиња – а помеѓу нив, една ноќ што засекогаш останува во луѓето.

Публиката остана занемена и тажна синоќа, на македонската премиера во Куршумли ан, во рамките на „Македокс“. Останаа и празни столчињата за државниот врв. Истрагата за пожарот уште трае за смртта на 63 лица од 16 до 25 години кои загинаа од изгореници, вдишување чад и други физички трауми здобиени додека посетителите се обидувале да избегаат низ единствениот излез од објектот.