Транспортерите преку граница само со дозвола, во мирување субвенциите за „Визер“


Фото: Б. Грданоски

Секој транспортер кој ќе превезува стока надвор од границите на државава од денеска ќе мора да извади дозвола од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. До утре, пак, треба да се дефинира списокот со стоки што ќе може да поминуваат преку т.н зелен и син коридор што го договараа земјите членки на ЦЕФТА. Во меѓувреме, заврши извлекувањето на заглавените камионџии на границите поради блокадите за движење со го спречат натамошното ширење на корона вирусот. На фирмите, за транспорт на стока целосно им е на располагање и Железницата, каде нема ограничувања во товарниот превоз.

Според министерот, Горан Сугарески, полека се нормализира работењето на компаниите за превоз на стока во вакви услови, непрекинато се одвива издавањето лиценци, одобренија, дозволи.

Меѓународниот товарен сообраќај се одвива без забрани, но, како што оцени Сугарески, со можни одредени забавувања при вршење на превозот на граничните премини поради ново воспоставените процедури и контроли поради корона вирусот. Откако беа затворени за сообраќај двата аеродрома во држава, ставен е во мирување Договорот за субвенции од државата на нискобуџетниот авиопревозник Визер. Во мирување е и меѓународниот линиски и повремен превоз на патници, а со одлука на Владата меѓуградскиот и јавниот превоз се организира со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50 проценти во возилото. таква мерка има и за патничкиот железнички превоз.

Во рамки на ЦЕФТА заедно Транспортниот секретаријат на ЕУ и Европската комисија се договораат протоколи за лесно и безбедно движење на стоките. Договорено е воведување на размена на информации пред пристигнување и соодветно зелен и син канал за побрз проток на определени стоки и олеснување на транспорт, информираше директорот на Царината Ѓоко Танасоски.

И во тек на полицискиот час, што е во сила од завчера, движењето на стоката продолжува непречено да се спроведува. Дозволено е движење на транспортни средства во рамки на транзитна постапка со транзитен придружен документ Т1, извоз на стоки со извозен придружен документ EXMK, како и заедничко извозно транзитна постапка. Превозниците кои се движат во рамки на поедноставена постапка во транзит (овластен примач) и поедноставена постапка, локално царинење при увоз не смеат во никој случај да ја напуштат одобрената локација за времетраење на полицискиот час. Тоа ослободување од ограничување важи за царинските испостави: Табановце, Блаце, Деве Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Богородица и Меџитлија. Претходно, Царинската управа по службена должност ги продолжи роковите на важење на одобренијата за поедноставени царински постапки, а ќе биде продолжен и рокот на важење на банкарските гаранции кои истекуваат до 30 јуни.

Засега нема поголем застој во реализација на проектите во градежниот сектор, но, според Сугарески реално е да се очекува такво нешто.

„Деноноќно ја следиме ситуацијата, во континуирани разговори сме со бизнис зедницата како да ги намалиме последиците врз индустријата и севкупно врз стопанството, вели Сугарески.