Трамп влегува во бизнисот со нуклеарна фузија


Компанијата зад социјалната мрежа на Доналд Трамп, Трут соушл (Truth Social), се спојува со енергетска компанија поддржана од Гугл во договор вреден повеќе од 6 милијарди долари. Трамп Медиа (Trump Media & Technology Group – TMTG) и „ТАЕ Технолоџис“ (TAE Technologies) ги објавија плановите денес, велејќи дека овој потег ќе „создаде една од првите јавно тргувани компании за фузиска енергија во светот“, објави Би-Би-Си.

Фузиската енергија е метод за производство на електрична енергија од топлината ослободена за време на реакциите на нуклеарна фузија. Процесот има потенцијал да ослободи огромни количини енергија со ниски нивоа на радиоактивност.

Во заедничка изјава се вели дека комбинираната компанија планира да започне со изградба на „првата фузиска електрана во светот на комунален размер“ уште следната година, а потоа ќе следат и други електрани.

Според условите на спојувањето, двете компании ќе имаат еднаков удел од 50% по завршувањето на договорот, што се очекува до средината на 2026 година, во зависност од регулаторните и акционерските одобренија.

Обединетата компанија ќе биде предводена од деветчлен одбор на директори, вклучувајќи го и сегашниот извршен директор на „Трамп Медиа“, Девин Нунес, како ко-извршен директор, и синот на претседателот, Доналд Трамп помладиот.

Овој потег сигнализира смел и изненадувачки пресврт за „Трамп Медиа“, кој се движи од социјалните медиуми и финансиите во енергетскиот сектор. „ТАЕ Технолоџис“ развива системи за складирање енергија и испорака на енергија за батерии и електрични возила, додека нејзината матична компанија, „ТАЕ Лајф Сајансис“, развива технологии и лекови за лекување на пациенти со рак.

Девин Нунес рече дека неговата компанија „прави голем чекор напред кон револуционерна технологија што ќе ја обезбеди глобалната енергетска доминација на Америка за идните генерации“.

Нарекувајќи ја фузионата енергија „најдраматичниот пробив во енергетиката“ од 1950-тите, тој додаде дека „Трамп Медиа“ ќе донесе „капитал и пристап до отворен пазар“ за да помогне технологијата на „ТАЕ“ да стане комерцијално одржлива.

Како дел од договорот, „Трамп Медиа“ ќе обезбеди до 200 милиони долари во готово за „ТАЕ Технолоџис“ по потпишувањето на конечниот договор. Дополнителни 100 милиони долари ќе бидат достапни по затворањето.

Растечката побарувачка за електрична енергија, поттикната од центрите за податоци за вештачка интелигенција, го обнови интересот за почиста, посигурна нуклеарна енергија. „ТАЕ Технолоџис“ собра повеќе од 1,3 милијарди долари од други инвеститори, вклучувајќи ги Гугл и Голдман Сакс.

Од друга страна, Трамп Медија, чии приходи доаѓаат главно од рекламирање на нивната платформа Трут соушл, постојано губи пари од своето основање. Во третиот квартал, кој заврши во септември, компанијата објави пад на приходите и загуба од 54,8 милиони долари.