Трамп се согласи да го одложи нападот врз Иран ако се отвори Ормускиот теснец
Вашингтон- Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека се согласил да „го запре бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две недели“, под услов Техеран да се согласи целосно да го отвори Ормускиот теснец.
Трамп претходно му даде рок на Иран до 20 часот во вторник по време Вашингтон – или 2 часот наутро по централноевропско време – повторно да го отвори Ормускиот теснец, клучен за глобалните испораки на нафта. Во спротивно, тој се закани со уништување на „цела цивилизација“.
„Врз основа на моите разговори со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и фелдмаршалот Асим Мунир, кои побараа да ја одложам деструктивната сила што требаше да биде насочена кон Иран вечерва, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ПОТПОЛНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормутскиот теснец, се согласувам на двонеделно прекинување на бомбардирањето и нападот врз Иран. Ова ќе биде меѓусебно ПРЕКИН НА ОГАН!
Причината за ова е што веќе ги исполнивме и надминавме сите воени цели и сме многу блиску до конечен договор за долгорочен МИР со Иран и МИР на Блискиот Исток. Добивме предлог од 10 точки од Иран, за кој веруваме дека обезбедува добра основа за преговори. Речиси сите отворени прашања меѓу Соединетите Американски Држави и Иран се решени, но двонеделниот период ќе овозможи договорот да се финализира и формализира.
Во име на Соединетите Американски Држави, како претседател и во име на земјите од Блискиот Исток, ми е чест што го доближувам овој долгогодишен проблем до решение. Ви благодарам за вашето внимание.
Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, објави Трамп.