Трамп се придружува на растечката листа на светски лидери кои се заразиле со коронавирус


Aнглија-Позитивниот тест на коронавирус на американскиот претседател Доналд Трамп, го прави уште еден од десетината светски лидери и политичари од висок профил кои се заразиле со вирусот, објави Гардијан.

Американскиот претседател рано изутринава, само еден месец пред изборите, соопшти дека тој и првата дама, Меланија, се позитивни на вирусот, по извештаите дека една од неговите најблиски советници, Хоуп Хикс, исто така имала позитивен тест. Хикс го придружуваше Трамп на дебатата со демократскиот кандидат Џо Бајден во вторникот и на предизборниот митинг во средата.

Трамп, кој повеќе пати се потсмеваше на неговиот демократски противник за носење маска, не е првиот висок избран функционер кој се заразил откако ја минимизирал сериозноста на вирусот, пишува лондонскиот весник.

На 27 март, британскиот премиер Борис Џонсон стана еден од првите светски лидери што објави дека има коронавирус. Во април беше примен во болница и се лекуваше на одделот за интензивна нега.

Пред неговата дијагноза, тој беше критикуван за потценување на заканата од вирусот и во еден момент на почетокот на епидемијата се пофали дека се ракувал „со сите“ во болница со пациенти со Ковид-19.

На 7 јули, крајно десничарскиот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, кој постојано ја тривијализираше пандемијата, во живо на телевизија соопшти дека има позитивен тест. Како што се зголемуваше кризата во Ковид на почетокот на летото, тој се пофали дека не е загрижен дека ќе се разболи, велејќи дека неговото „минато на спортист“ ќе му помогне да остане силен ако се зарази.

Кога им ја соопшти дијагнозата на новинарите, Болсонаро ја отстрани маската и се насмевна, велејќи: „Само погледнете во моето лице. Добро сум, добро, фала му на Бога “.

Претходно, принцот Алберт Втори од Монако беше позитивен, како и принцот Чарлс во Велика Британија. Рускиот премиер, Михаил Мишустин, привремено се повлече од функцијата во април, откако се зарази со коронавирус. Истата недела, премиерот на Гвинеја-Бисао, Нуно Гомес Набиам, беше позитивен на тестот заедно со тројца членови на неговиот кабинет.

Претседателката на Боливија, Жанин Ањез, соопшти дека е позитивна на 10 јули, а владини претставници потврдија дека најмалку седум министри, вклучувајќи го и министерот за здравство, исто така биле позитивни. Хуан Орландо Хернандез, претседателот на Хондурас, на 16 јуни информираше дека е позитивен на Ковид-19.

Други меѓународни лидери кои се заразиле се ерменскиот премиер, филипинскиот секретар за внатрешни работи, министерот за нафта на Венецуела, министерот за здравство на Гана, заменик-претседател на Јужен Судан, претседателот на парламентотот на Пакистан, заменикот-премиер на Шпанија, главниот преговарач на Европската унија за Брегзит, министерот за внатрешни работи на Австралија, иранскиот потпретседател и полски министер за животна средина.

Во САД, двајца сенатори и повеќе од десетина членови на Конгресот, исто така, беа позитивни на коронавирус. Минатиот месец, републиканскиот гувернер на Мисури, Мајк Парсон, кој цврсто се спротивстави на задолжително носење маски, беше позитивен. Херман Каин, републикански претседателски кандидат од 2012 година и приврзаник на Трамп, почина од коронавирус во јули. Тој беше примен во болница две недели откако присуствуваше на предизборниот митинг на претседателот, потсетува Гардијан.

Неколку часа пред да го објави твитот за неговиот позитивен тест, Трамп  го повтори својот непоткрепен став дека пандемијата наскоро ќе заврши: „Само сакам да кажам дека крајот на пандемијата е на повидок“.