Трамп: Сакав да ја „растурам“ „Нвидиа“, дури и не знаев кој е шефот


За време на говорот за откривање на неговиот нов Акционен план за вештачка интелигенција, американскиот претседател Доналд Трамп откри дека предложил едноставно разделување на „Нвидиа“ (Nvidia), иако, според сопственото признание, никогаш не слушнал за компанијата или за нејзиниот извршен директор Јенсен Хуанг.

Трамп зборуваше на Самитот за вештачка интелигенција во Вашингтон, каде што го откри новиот американски план за вештачка интелигенција.

Во својот говор, тој спомена и им се заблагодари на некои од лидерите во индустријата за вештачка интелигенција: „Сакам да им се заблагодарам на некои од лидерите во индустријата кои се тука денес, вклучувајќи го и некој кој е навистина неверојатен“, рече тој, осврнувајќи се на Хуанг.

„Порано велев, гледајте, ќе го ‘разбиеме’ овој човек – тоа беше пред да разберам како функционираат работите – реков дека ќе ги ‘растуриме’Р“, продолжи Трамп. „Ми рекоа дека е многу тешко, прашав зошто. Прашав, колкав е неговиот пазарен удел? Господине, тој има 100%.“

Потоа Трамп рече: „Прашав, кој е тој воопшто? Како се вика? Ми кажаа дека се вика Јенсен Хуанг, ‘Нвидиа’. Реков, што е ‘Нвидиа’? Никогаш не сум слушнал за неа.“

„Мислам дека би можеле малку да ги поделиме, да им дадеме малку конкуренција, но сфатив дека во оваа индустрија не е лесно“, додаде американскиот претседател.

Трамп тврди дека предложил „најголемите умови“ да се соберат и „да работат заедно неколку години“ за да се обидат да го достигнат успехот на „Нвидиа“, на што му било кажано дека дури и ако Хуанг работи „целосно некомпетентно“ од сега па натаму, ќе им требаат 10 години за да го стигнат.

Тој заврши со пофалба на Хуанг и неговите достигнувања: „И потоа го запознав Јенсен, и сега разбирам сè.“

Акциите на „Нвидиа“ експлодираа во вредност во текот на изминатата деценија, главно благодарение на успехот на компанијата во развојот на хардвер за вештачка интелигенција. Нејзината пазарна капитализација неодамна надмина 4 билиони евра, откако пред само две години достигна граница од 1 билион евра.

Што се однесува до новиот Акционен план за вештачка интелигенција на Трамп, документот од 20 страници ги опишува трите јасни цели: забрзување на иновациите во вештачката интелигенција преку намалување на бирократијата и регулативата, изградба на американската инфраструктура за вештачка интелигенција и поттикнување на употребата на американската технологија за вештачка интелигенција меѓу сојузниците и партнерските земји.

Иако планот повикува на проширување на технологијата за вештачка интелигенција развиена од компании како „Нвидиа“, документот, исто така, најавува проширени ограничувања за извоз и дополнителни забрани за компоненти што се користат во производството на полупроводници. (Извор: Индекс.хр)