Трамп сака да ги забрани Еј-Би-Си и Ен-Би-Си: Имале 97 отсто лоши праказни за него

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика регулаторите да ги одземат лиценците на радиодифузерите Еј-Би-Си и Ен-Би-Си (ABC и NBC) поради нивното наводно неурамнотежено известување.
На својата платформа Трут соушл (Truth Social) доцна во неделата, Трамп напиша дека и покрај неговата огромна популарност, каналите шират „97% ЛОШИ ПРИКАЗНИ“ за него и неправедно известуваат за републиканците.
Претседателот тврди дека многу луѓе веруваат дека Федералната комисија за комуникации (FCC), националниот регулатор за телекомуникации, треба да ги одземе лиценците на каналите.
„Јас би бил целосно за тоа бидејќи тие се толку пристрасни и не ја кажуваат вистината, вистинска закана за нашата демократија!!!“, продолжи Трамп.
Тој, исто така, предложи телевизиските станици, за кои вели дека емитуваат „ЛАЖНИ ВЕСТИ“, да плаќаат милиони долари годишно во лиценцирани такси за „привилегијата да ги користат највредните радио бранови во историјата!!!“
Претседателот на FCC, Брендан Кар, републиканец, беше назначен од Трамп кратко време по неговата изборна победа во ноември.
Претседателот ги обвини новинските мрежи Еј-Би-Си и Ен-Би-Си, како и Си-Би-Ес (CBS) и Си-Ен-Ен (CNN), дека се гласноговорници на демократите и дека ги клеветат неговите конзервативни политики.
Тој, исто така, водеше кампања против разни медиуми чие известување е во спротивност со неговите ставови.
На „Волстрит џурнал“ неодамна му беше забрането да патува со владини авиони откако објави за контактот на Трамп со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн.
На Асошиејтед прес исто така сè уште не му е дозволено да лета со „Ер Форс Уан“ откако американската новинска агенција одби да го усвои новото име на Трамп за Мексиканскиот Залив, „Американски Залив“.