Трамп привремено го запре влегувањето на Хрватска во ОЕЦД

Хрватска за прв пат се најде на удар на новата американска администрација и претседателот Доналд Трамп. Имено, како што јави Дневникот на Нова ТВ, патот на Хрватска кон ОЕЦД е барем привремено стопиран.
Хрватска ги затвори пристапните дискусии во 19 од 25 комитети на ОЕЦД и напредуваше во преговорите побрзо од очекуваното. Сепак, следеше студен туш во Комитетот за трговија, каде гласањето беше одложено до понатамошно известување.
„Гласањето во Комитетот за трговија ќе се одржи кога ќе се исполнат условите. Работиме со нашите американски партнери и ОЕЦД за сите прашања поврзани со нашиот влез во ОЕЦД“, изјави Зденко Луциќ, државен секретар во МНР за Нова ТВ.
Неофицијално, причината се царините, јавува Нова ТВ. Хрватска би можела да биде колатерална жртва на царинските конфликти САД-ЕУ што се појавија со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Владата верува дека сѐ ќе оди според планот.
„Ни претстои уште многу работа, сакаме до крајот на годината да ја затвориме дискусијата во преостанатите шест комисии. Засега се се одвива според планот и останува да се приклучиме на ОЕЦД до средината на следната година“, рече Луциќ.
Откако веста за „дипломатски пуч од Вашингтон“ одекна во хрватските медиуми, Луциќ вечерва за Хина изјави дека не е точно дека САД го блокираат влезот на Хрватска во ОЕЦД, ниту пак ја блокирале Хрватска од Комитетот за трговија.
„Хрватска ги исполни сите барања на ОЕЦД, што значи дека е усогласена со ОЕЦД за трговија. Американските партнери побараа гласањето да се одржи во некое друго време“, рече Луциќ.
Државниот секретар објаснува дека 38 земји-членки треба да се договорат за едногласна позиција и потоа Хрватска ја завршува својата работа пред тој комитет, додавајќи дека договарањето на позициите може да потрае и до 10 месеци.
„Според оценките на ОЕЦД, Хрватска е високо усогласена со трговските политики на ОЕЦД и се чека формално гласање за завршување на работата пред тој комитет“, рече Луциќ.