Трамп потпиша извршна наредба за затворање на Министерството за образование


 Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа потпиша извршна наредба со цел да се затвори Министерството за образование.

„Ќе го отстраниме“, изјави американскиот претседател непосредно пред да го потпише документот во Белата куќа.

„Ќе го затвориме што е можно поскоро“, додаде тој.

Овој чекор претставува исполнување на неговото предизборно ветување за „елиминирање“ на оваа институција, која долго време беше мета на конзервативците.

Трамп често го нарекуваше Министерството за образование расипничко и под влијание на либералната идеологија. Сепак, конечното укинување е веројатно невозможно без акција од Конгресот, бидејќи министерството е основано во 1979 година со акт на Конгресот.

Според Белата куќа, наредбата ќе  и наложи на министерката Линди Мекмахон да ги преземе сите неопходни чекори за да се овозможи затворање на Министерството за образование и враќање на образовните власти на државите, а истовремено да продолжи да обезбедува ефикасна и непречена испорака на услуги, програми и придобивки од кои зависат Американците.

Администрацијата на Трамп веќе спроведува намалување на персоналот во одделот, додека финансирањето на Канцеларијата за човекови права и Институтот за образовни науки, кои собираат податоци за академскиот напредок на земјата, се драстично намалени.

Демократскиот лидер во Сенатот Чак Шумер веднаш реагираше и го повика судството „да стави крај на тиранското владеење на Доналд Трамп“.

Шумер рече дека потпишувањето на извршната наредба е една од „најдеструктивните акции“ што претседателот некогаш ги презел.

„Оваа ужасна одлука на Доналд Трамп ќе ја почувствуваат просветните работници, родителите, раководителите на училиштата и квалитетот на образованието што го добиваат нашите деца“, додаде тој.