Трамп побара ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО


Претседателот на САД Доналд Трамп во пораката испратена денеска до Сенатот повикува на „разгледување и согласност“ на пристапниот протокол за влез на Северна Македонија во НАТО.

Во официјалниот допис од Белата куќа се вели дека протоколот бил потпишан во Брисел на 6-ти февруари 2019 година, од страна на САД и на другите членки на Северноатлантската алијанса.

Целосната ратификација на Протоколот, се вели во дописот, ќе овозможи Северна Македонија да стане дел од Северноатлантскиот договор и членка на НАТО.

-Како што стои во извештајот за зачленување на Северна Македонија во НАТО поднесен до Конгресот на 27 март 2019 година, во однос на Резолуцијата за давање совет и согласност за ратификација на протоколите за зачленување на Полска, Унгарија, и Република Чешка, од 30 април 1998, Северна Македонија е решителен партнер на САД, и од нејзиното членство во НАТО ќе имаат директна корист стратешките интереси на САД и на НАТО Алијансата, се прецизира во соопштението.

-Барам Сенатот да обезбеди препорака и согласност, и мојата администрација е подготвена да помогне во неговите излагања, соопшти Белата куќа.