Трамп побара од 17 директори на фармацевтски компании да ги намалат цените на лековите во САД


Американскиот претседател Доналд Трамп испрати писма до извршните директори на 17 големи фармацевтски компании во кои ги повикува да преземат итни мерки за намалување на цените на лековите за Американците, соопшти Белата куќа.

Писмата беа испратени до врвни раководители на компании, вклучувајќи ги Ели Лили, Санофи, Риџенерон, Мерк и Ко, Џонсон и Џонсон, АстраЗенека и други. Копии од писмата беа објавени на профилот на Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

Претседателот бара компаниите да понудат најниски меѓународни цени (т.н. „најповластена нација“) за Медикејд, да гарантираат такви цени за нови лекови и да им го вратат на американските даончни обврзници и пациенти вишокот странски приходи.

Републиканскиот претседател им даде рок на компаниите до 29 септември да ги исполнат тие услови и да преземат обврски.

„Според најновите податоци, цените што Американците ги плаќаат за лекови од брендирани имиња се повеќе од трипати повисоки од оние што ги плаќаат граѓаните на другите развиени земји“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Таа додаде дека владата ќе „ги употреби сите достапни алатки“ за да ги прекине „злоупотребите на цените на лековите“.