Трамп: Отсекогаш сме биле тука за НАТО, но повеќе не мораме


Нова тирада на американскиот претседател против алијансата

Американскиот претседател Доналд Трамп ја доведе во прашање поддршката на САД за сојузниците во НАТО откако алијансата не успеа да му помогне на Вашингтон во неговата војна против Иран, објави германската агенција ДПА.

„Секогаш би биле тука за нив, но сега, врз основа на нивните постапки, не мислам дека мораме, нели?“, рече Трамп во Мајами.

Тензии во трансатлантските односи
Трамп остро ја критикуваше алијансата за тоа што не ги поддржува САД во војната против Иран. „Мислам дека беше огромна грешка што НАТО едноставно не беше таму“, рече тој. Додаде дека САД трошат стотици милијарди долари секоја година за безбедноста на своите сојузници.

„Зошто би биле тука за нив ако тие не се тука за нас?“, праша Трамп.

Американско-израелската војна против Иран предизвика тензии во трансатлантските односи. Трамп и други претставници на американската администрација ги обвинија сојузниците во НАТО за неактивност. САД, исто така, ги критикуваа сојузниците што не им дозволуваат да ги користат нивните воени бази или што го прават тоа предоцна.