Трамп: Не планирам да го урнам Кенеди центарот
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека не планира да го урне Центарот за сценски уметности Кенеди, туку да создаде „целосно нов“ со користење на постоечкиот челик и дел од мермерот на зградата за време на нејзината реконструкција.
„Не го уривам. Ќе користам челик, па затоа ја користиме структурата“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, одговарајќи на прашањето дали планира да ја урне зградата на Кенеди центарот во Вашингтон, која официјално беше преименувана во Центар за сценски уметности Трамп-Кенеди минатата година, објавува CBS News.
Трамп рече дека промените што ги планирал во реконструкцијата на центарот ќе чинат околу 200 милиони долари и дека одлуката за негово реновирање е донесена затоа што се проценува дека е „дотраен“.
Службеник на Белата куќа изјави дека администрацијата не треба одобрение од Конгресот за привремено затворање на зградата за реновирање.
Извори запознаени со ситуацијата изјавија за CBS News дека Трамп досега не побарал проценки за трошоците за рушење на зградата.
Планираните промени во зградата, како дел од нејзината реновација, предвидуваат нов покрив и замена на дел од мермерот и фугите, а ќе биде потребно да се реновира и делот од зградата што се протега преку патот кон реката, каде што ќе се користи постоечкиот челик, рече еден од изворите.
Изворите исто така наведоа дека една од двете самостојни сцени во големото фоаје веројатно ќе биде отстранета и евентуално заменета со шанк, но основниот распоред на зградата ќе остане по реновирањето.
Трамп претходно во објава на социјалните мрежи изјави дека утврдил дека затворањето, закажано за 4 јули, „ќе донесе многу побрз и подобар резултат“ додека се стреми да го обнови комплексот.
Тој додаде дека финансирањето е „целосно обезбедено“.
Центарот „Кенеди“, кој беше отворен во 1971 година во Вашингтон, беше прогласен за споменик на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, по атентатот во кој тој беше убиен во 1964 година.
Според податоците од веб-страницата на центарот, тој обично е домаќин на повеќе од 2.000 претстави годишно.