Трамп не планира да се кандидира за трет мандат


Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не планира да се кандидира за трет мандат како шеф на државата, иако во изминатите недели имаше спекулации за тоа.

Трамп, кој постојано ја споменуваше можноста за трет мандат откако се врати во Белата куќа во јануари, ја отфрли таа можност, што е забрането со Уставот.

„Тоа не е она што се обидувам да го направам“, рече Трамп.

„Сакам да имам четири многу добри години, а потоа да се повлечам и да направам место за некој друг, идеално за одличен републиканец“, додаде Трамп, кој ги именуваше својот потпретседател Венс и државниот секретар Марко Рубио за потенцијални наследници.

„Ќе бидам претседател осум години, претседател со два мандата. Секогаш мислев дека тоа е важно“, рече Трамп во интервју за Ен-Би-Си – Њуз.
На прашањето дали на странците на американска почва треба да им се обезбеди фер судење, како што е предвидено во Уставот, републиканскиот милијардер рече дека не е адвокат и не знае.

Трамп ја стави борбата против нелегалната имиграција на прво место, зборувајќи за „инвазија на криминалци од странство“ и организирајќи полициски операции за нејзино спречување.