Трамп не го поштеди ниту водителот на „Греми“


Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе го тужи водителот на доделувањето на Греми наградите, јужноафриканскиот комичар, Тревор Ноа, за кого рече дека изнел невистина дека тој и поранешниот американски претседател Бил Клинтон „поминувале време“ на островот на покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн.

„Ноа неточно рече за мене дека Доналд Трамп и Бил Клинтон поминувале време на островот на Епштајн. Погрешно! Не можам да зборувам во името на Бил, но никогаш не сум бил на островот на Епштајн, ниту каде било во близина, и до вечерашната лажна и клеветничка изјава, никогаш не ме обвинувале дека сум бил таму, дури ни медиумите кои инаку објавуваат лажни вести“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social).

Тој кажа дека изгледа оти ќе ги испрати своите адвокати „да го тужат овој јаден, патетичен, неталентиран“ водител за „многу пари“.

„Доделувањата на Греми наградите се најлоши, практично не се за гледање! Си-Би-Ес има среќа што ова ѓубре повеќе не им е во етерот. Водителот, Тревор Ноа, кој и да е, е речиси подеднакво лош како Џими Кимел на доделувањето на Оскарите за филмови со ниска гледаност. Подготви се Ноа, малку ќе се забавувам со тебе“, напиша Трамп.

Ноа, синоќа на гала настанот, објави дека ова ќе му биде последна година како водител на Греми наградите по шест сезони како водител, а во претходните години беше благ во политичките коментари.