Трамп ќе го одликува Руди Џулијани со Претседателски медал на слободата

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека ќе го додели Претседателскиот медал на слободата на поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани. Одлуката следува само два дена откако Џулијани беше хоспитализиран по сообраќајна несреќа во Њу Хемпшир.
Претседателскиот медал на слободата се смета за највисоко цивилно признание во САД. Тој традиционално се доделува на личности што дале исклучителен придонес во напредокот, вредностите или безбедноста на земјата, во светскиот мир или во други значајни општествени и јавни заложби.
Во објава на Трут Соушл, Трамп го нарече Џулијани „најголемиот градоначалник во историјата на Њујорк и подеднакво голем американски патриот“. „Детали за времето и местото ќе бидат соопштени дополнително“, напиша тој.
Џулијани беше градоначалник на Њујорк од 1994 до 2001 година и беше нарекуван „Сеамерикански градоначалник“ по неговата улога во справувањето со нападите на 11 септември 2001 година.
Во последните години, тој работеше како адвокат и ја поддржуваше кампањата на Трамп за оспорување на резултатите од претседателските избори во 2020 година. Во 2023 година, Џулијани призна дека дал клеветнички изјави за двајца изборни работници во Џорџија, лажно обвинувајќи ги дека се обидуваат да помогнат во „кражбата“ на изборите во корист на демократот Џо Бајден. Во јануари годинава, федерален судија го прогласи за виновен за непочитување на судот поради тоа што не доставил информации за својата имотна состојба кои би можеле да се искористат за исплата на пресудата за клевета.
Во саботата навечер, автомобилот во кој патувал Џулијани бил удрен одзади со голема брзина. Тој се здоби со полесни повреди и беше задржан во болница. Неговиот портпарол Мајкл Рагуса соопшти на социјалните мрежи дека „се чувствува добро и одлично се опоравува“, додавајќи дека судирот „не бил насочен напад“.