Трамп ја повика Британија да ги демонтира турбините на ветер во Северното Море


Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска ја повика Велика Британија да ги демонтира своите турбини на ветер во Северното Море како одговор на одлуката на американска нафтена компанија да го напушти регионот богат со нафта.

– Велика Британија прави многу голема грешка. Отворете го Северното Море. Ослободете се од ветерниците, напиша Трамп на својата платформа, Truth Social.

Во објавата тој стави линк дп Стопанската комора на Шкотска Абердин и Грампиан, која на почетокот на ноември ја детализираше одлуката донесена од нафтената компанија Апачи за излез од Северното Море. Апачи соопшти дека неочекуваниот данок на Велика Британија за нафтените операции ја направил работата „неекономична“.

За време на неговата изборна кампања, Трамп, кој е поддржувач на фосилните горива, исто така ја критикуваше Германија за нејзиниот стремеж кон обновливите извори на енергија, предвидувајќи дека ако продолжи да ги следи овие политики, наскоро ќе банкротира.

Лабуристичката влада на британскиот премиер Кир Стармер, која беше избрана во јули, ја поддржува енергијата од ветер и соларната енергија, заедно со нуклеарната енергија. Нема да се издаваат нови дозволи за вадење нафта или гас за Северното Море.

За време на неговиот прв мандат помеѓу 2017 и 2021 година, Трамп ги намали стандардите за заштита на животната средина и климата, и ги повлече САД од Парискиот договор за климатски промени од 2015 година, договор потпишан од повеќето земји во обид да се минимизира производството на гасови кои придонесуваат за климатските промени.

Неговиот наследник, претседателот Џо Бајден, кој ја напушта функцијата овој месец, ја смени таа одлука.