Трамп ги нападна Обама и Бајден по трагедијата: „Просечни луѓе ангажирани како контролори на летање“


Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ѝ се обрати на јавноста говорејќи за синоќешниот судир на патнички авион и воен хеликоптер.

Авион на Американ ерлајнс и хеликоптер Блек Хок се судрија над реката Потомак во Вашингтон. Во авионот имало 64 патници, додека во хеликоптерот биле четворица војници. Несреќата се случила непосредно пред да слета авионот во Вашингтон. Авионот летал од Вичита, град во државата Канзас. Градоначалничката на Вичита, Лили Ву, низ солзи објави дека никој не ја преживеал оваа несреќа.

Трамп го нападна поранешниот американски претседател Барак Обама по несреќата, обвинувајќи го дека е одговорен за ангажирање просечни луѓе за работните места за контрола на летање, за кои рече дека бараат „супериорна интелигенција“.

Тој, исто така, ја обвини претседателската администрација на неговиот претходник, Џо Бајден, за „вработување лица со посебни потреби и лица со психолошки проблеми“ на работните места во контролата на летање. Сепак, како што пренесува Би-би-си, тој не понудил никаков доказ за ова тврдење. Понатаму, тој тврди дека пилотите на авионот направиле сè што требало да направат.

Трамп вети дека цивилните и воените структури ќе спроведат сеопфатна истрага и изјави дека контролата на летање треба да биде составена од оние со „највисока интелигенција бидејќи тоа е работа која бара највисоки стандарди“. Тој истакна дека минатата недела потпишал наредба со која, како што тврди, се обновени стандардите за контролорите на летање, јавува Би-би-си.