Трамп: Би го поканил Путин на Г7, но не сум сигурен дека ќе дојде
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би го поканил рускиот претседател Владимир Путин на следниот самит на Г7, но не знае дали би дошол.
Трамп го нарече Путин „горда личност“ и рече дека би било „прилично тешко за него“ да дојде како гостин во клуб во кој некогаш бил член.
Трамп претходно изрази желба да биде домаќин на следниот самит на Г7, а како локација го предложи одморалиштето со голф терени, што го поседува во Мајами.
Тој во Бијариц изјави дека неговото одморалиште на Флорида би „било совршен избор“, поради неговата големина и фактот дека е оддалечено само пет минути со автомобил од аеродромот во Мајами, пренесоа британските медиуми.
– Им се допаѓа локацијата на хотелот, исто така им се допаѓа и тоа што е многу блиску до аеродромот. И се наоѓа во Мајами, така што тоа е одлично подрачје, рече Трамп.
Американскиот претседател додаде дека се уште не е донесена конечна одлука, но оти локацијата што тој ја понудил е најдобра.