Трамп бара минимални царини од 15 до 20 проценти за увоз од ЕУ


Американскиот претседател Доналд Трамп ќе бара минимални тарифи од 15 до 20 проценти за увоз од Европската Унија, објави „Фајненшл тајмс“ (FT), повикувајќи се на извори.

Според три лица запознаени со трговските преговори меѓу САД и ЕУ, Доналд Трамп ги засили своите барања по неколку недели преговори за можен рамковен договор, објави CNBC.

На помалку од две недели до крајниот рок на Трамп на 1 август за воведување царини, разговорите меѓу двете страни се чини дека се заглавени, иако ЕУ се надеваше на договор сличен на оној во Велика Британија, која одржува основна тарифа од 10 проценти со некои исклучоци во одредени области.

Трамп често го користеше трговскиот суфицит на ЕУ со САД од 198 милијарди евра (231 милијарда долари) како аргумент за воведување царини.

Од своја страна, претставници на Европската Унија изјавија дека трговијата е многу поизбалансирана кога се земаат предвид услугите и инвестициите, а исто така ветија дека ќе ги зголемат купувањата на нафта и гас за да го намалат трговскиот јаз меѓу двете страни.

Трамп претходно се закани со царини од 30 проценти за увозот од ЕУ од 1 август, а Европската комисија (ЕК) во текот на викендот го одложи за две недели спроведувањето на првиот пакет контрамерки насочени кон 21 милијарда евра американски извоз, според Ројтерс.

Во исто време, ЕК се подготвува да воведе царини за американска стока во вредност од 72 милијарди евра (84,1 милијарди долари), од авиони „Боинг“ и бурбон виски до автомобили, доколку трговските разговори со Вашингтон не успеат.

Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, оваа недела одржа интензивни преговори со своите американски колеги во Вашингтон, објави портпаролот на ЕУ, Олоф Гил, без да даде други детали.