Трамп ѝ се заканува на Европа: Ќе ви ги вратиме терористите
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе врати во Европа илјадници терористи од Исламска држава заробени во Сирија.
Како што јави „Индепендент“, Трамп рече дека ќе ги прати терористите со европско потекло доколку европските земји не сакаат да ги прифатат своите граѓани кои во Сирија ѝ се придружија на терористичката ИД.
Околу 800 борци на Исламската држава со потекло од Европа се заробени на северот на Сирија заедно со сопругите и децата.
Администрацијата на Трамп бараше од владите на европските земји да ги прифатат своите сограѓани кои се сомничат дека ѝ се придружиле на ИД, но повеќето земји одбија тоа да го направат од страв дека повратниците од Сирија се безбедносен ризик.
„Сакаме илјадници борци на ИД Европа да ги прими. Ајде да видиме дали ќе ги прими? Ако не сака, ние ќе мораме да ги пратиме во Европа“, рече Трамп во Белата куќа.
Американските сојузници во Сирија држат во заробеништво околу 13.000 странци кои се сомничат дека се поврзани со терористичката Исламска држава.
Се работи за 2.000 мажи и околу 11.000 жени и деца, од кои повеќето се заробени при падот на калифатот порано оваа година.
Се претпоставува дека се заробени повеќе од 50 државјани на Велика Британија, а меѓу нив и Шамина Бегум (15), таканаречената невеста на ИД, која ја напушти Велика Британија за да ѝ се придружи на Исламска држава, пишува весникот.