Тошковски: Затворот го претвориле во „Хотел промаја“


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва гостувајќи во „Само интервју“ објави дека денес биле извршени два претреси на две локации, во домовите на  службени лица во рамки на затворот „Скопје“, поради сомненија дека сториле повеќе кривични дела со уште неколку други лица вработени во затворот.

„Фрапантна е фактичката состојба од аспект на информациите со коишто располагаме. Менаџерот на затворот и други  вработени лица затворот го доживувале како „трговец поединец“, здружение или приватно правно лице што се занимава со туристички услуги, заради тоа што незаконито им овозможувале на осудени лица за коишто постои висок безбедносен ризик да користат привилегии што не им следуваат по закон. Просто објаснето, спротивно на закон им овозможубале  осум до десет часа да бидат спроведувани од страна на затворската полиција до одредени локации, во нивен дом или трети локации каде што истите уживале привилегии, а притоа биле чувани од страна на затворската полиција, и не во рамки на она што е дозволено со закон, туку за приватни потреби. Какви се тие приватни потреби ќе утврдиме дополнително, но знаеме дека не е за да бидат достапни на органите на прогон, на институциите или слично, туку за нивни други приватни потреби, коишто не се законски основ согласно важечките закони“, потенцираше министерот Тошковски.

Тој објасни дека овие раководни лица го претвориле затворот во „Хотел промаја“ бидејќи дозволувале користење на незаконски привилегии кои им биле дозволени на одредени осомничени лица.

„Буквално како трговско-угостителско друштво, затворските полицајци коишто се платени од граѓаните ги пренесуваат од затвор до одредена локација, ги чуваат осум до десет часа на таа локација, па пак со службено гориво и возила, на трошок на македонските граѓани, ги враќаат во затворот.  Со истрагата во моментот се опфатени 10 лица, а тоа е само еден дел од незаконитостите коишто се опфатени. Денес извршени се претреси во домовите  на две лица, при што тие се лишени од слобода и ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка“, најави Тошковски.