Тошковски тврди дека нема селективни апсења

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес конференција соопшти дека се поднесени две кривични пријави за вкупно 34 индивидуални и три правни лица.Како што вели, МВР во соработка со ОЈО ја завршила првата фаза од постапувањето околу пожарот во дискотеката во Кочани.
-Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички лица и три правни лица за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ, при што едно лице е пријавено и за примање поткуп по член 357 од КЗ, вели Тошковски.
Тоj не се сложи со новинарите дека актуелни вработени во МВР на одредени позиции или во другите институции не се дел од истрагата или дека нема осомничени.
-МВР веднаш ги активираше сите капацитети. Од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулација на сообраќај, се до логистичка поддршка за нивниот транспорт и лекување, како во земјава така и во странство. Над 250 лица беа брзо и безбедно транспортирани до болниците низ државата, а над 100 лица до граничните премини. Веднаш беа изработени итни патни документи, како за повредените, така и за нивните најблиски кои патуваа со нив. Во исто време, полициските структури останаа посветени на истражните дејствија и расветлување на случајот, дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност, рече Тошковски.
-На овој ден кога болката уште силно одекнува, но чувството за одговорност обврзува на дејствување, се обраќам до јавноста со една клучна порака: Македонија мора да победи во битката со системската корупција која одзеде 59 млади животи. Кога се случи сето ова, со болка во душата потенциравме дека нема да има компромиси со правдата, ветивме дека ќе има брза, ефикасна и праведна истрага. Многумина избрзаа со заклучоци, некои со право се сомневаа, а некои сакаа да ја искористат оваа трагедија и за други цели. Некои се обидуваа да судат и да бидат обвинители, истражители, морален суд иако ги немаа фактите. Јас сум благодарен на сите оние кои искрено и со душа и преку јавни текстови, критики, отворање на дилеми и совети се присутни во јавноста, рече тој.
Тошковски рече дека е благодарен на народот во Македонија за трпението кое го покажува, заедништвото и слогата која ја демонстрира во овие судни, траорни и трагични моменти за Македонија.