Top Model Europe Balkans во Белград со македонски манекени и дизајнери
На Фросина Кулакова, со постхумна ревија, преку која ќе биде претставена нејзината најнова колекција и ќе се оддаде почит на нејзиниот исклучителен талент, уникатност и визија

За прв пат, Top Model Europe Balkans ги обединува најдобрите таленти од Балканот во исклучителна вечер исполнета со елеганција и креација.
На финалето кое ќе се одржува на 25 октомври во Белград, ќе бидат избрани победниците од Балканот, кои потоа ќе го претставуваат својот регион на големото европско финале во Брисел.
Во хотел Москва во Белград, според програмата, најпрво ќе се одржи официјален натпревар каде финалистите од Балканот ќе се натпреваруваат пред меѓународно жири составено од професионалци од модата и медиумите.
Потоа следи големо модно дефиле со дизајнери од Македонија, Србија и Франција – уникатна комбинација на стилови и култури. По што следи уметнички перформанси кои ќе ја збогатат целата атмосфера.
На сцената во Белград ќе блеснат 20 македонски манекени и манекенки, кои ќе се борат за првото место, а публиката ќе има можност да проследи модни ревии на три реномирани македонски дизајнерки: Shaleva, која е препознатлива по своите уникатни модели од високата мода и стилистика за познати личности, Ирина Тошева, со својот современ пристап и смели иновативни креации и Фросина Кулакова, со постхумна ревија, преку која ќе биде претставена нејзината најнова колекција и ќе се оддаде почит на нејзиниот исклучителен талент, уникатност и визија.
Организатор на настанот е креаторката Shaleva, лиценцирана претставничка на Top Model Europe Balkans.