Тони Поповски: Се продаваат многу магли околу францускиот предлог

Да се каже дека само отворање на кластер се „вистински“ преговори е ноторна и неодговорна лага, вели поранешниот министер


Тони Поповски
 
Има една тешка и ноторна манипулација дека „вистински“ преговори се кога ќе се отвори првиот кластер на поглавја „темели“. И да сакаме ние тоа да се случи на првата меѓувладина конференција, не може физички да се случи, бидејќи треба време да се подготват преговарачки позиции, вели поранешниот министер за екологија, а сега консултант за добро владеење, Тони Поповски. Во својот подолг пост на Фејсбук, Поповски нагласува дека за да се започне скрининг, треба да има усвоена преговарачка рамка и одржана прва меѓувладина конференција – „онаа која многумина неодговорно и со потсмев ја нарекуваат настан за сликање“. И, според него, тоа е суштинска разлика помеѓу претходниот и овој француски предлог.
 
Еве го објаснувањето на Тони Поповски: 
 
Ако ми дозволите да се обидам да помогнам да се расчистат уште две „магли“.
Првата е околу атрибутот „вистински“ и невистински“ преговори, која знаат да ја искажат дури и истакнати експерти и новинари. Согласно новата методологија на ЕУ за проширување, поглавјата поврзани со европското право и стандарди се групирани во кластери. И порано имало и сега има подготвителна фаза пред отворање на поглавја односно сега „кластер на поглавја“. Таа подготвителна фаза вклучува скрининг (аналитичка оценка на степенот на хармонизирање со правото на ЕУ).
 
За да се започне скрининг, треба да има усвоена преговарачка рамка и одржана прва меѓувладина конференција – онаа која многумина неодговорно и со потсмев ја нарекуваат настан за сликање. Суштинска разлика помеѓу претходниот и овој француски предлог е токму во стандардниот и рутински почеток на преговорите. Претходниот француски предлог беше условено вето, односно нема скрининг без направена уставна измена, и од таа причина јас го отфрлив со резигнација.
 
Има една тешка и ноторна манипулација дека „вистински“ преговори се кога ќе се отвори првиот кластер на поглавја „темели“. И да сакаме ние тоа да се случи на првата меѓувладина конференција, не може физички да се случи, бидејќи треба време да се подготват преговарачки позиции, да се усогласуваат нацрти за три стандардни патокази (за владеење на право, за јавна администрација и за демократски институции) и еден акциски план за правата на малцинските заедници (го има и во рамката на Србија, а по сѐ изгледа и во рамката на Албанија, така што  не можеме да кажеме дека е преседан само за нас).
 
Отворањето на првиот кластер не може да се случи утре, туку за година и пол до две, па и повеќе (зависи и од нашиот капацитет), кога ќе бидеме подготвени. Затоа, да се каже дека само отворање на кластер се „вистински“ преговори е ноторна и неодговорна лага. Од друга страна, условеноста со уставната измена е нотирана во заклучоците на барање на Бугарија и прифаќање на тоа барање од страна на Франција, и точно е дека тоа ја прави рамката и подготвителнава фаза нестандардна. Притоа, Бугарија е членка на ЕУ и ова барање е комуницирано до нас и низ билатералната авенија. Дали ќе го прифатиме тоа барање е наша одлука и за ова специфично барање треба да продолжат да дискутираат партиите меѓу себе и во нашето Собрание, и заеднички да ги оценат придобивките наспроти последиците.
 
Втората крупна магла е поврзана со толкувањето на обврските кои ги имаме пре
вземено со Спогодбата за стабилизирање и асоцирање со ЕУ (од 2001) – каде имаме прифатено (не само ние, туку и цел Западен Балкан) дека добрососедството е критериум за пристапување, и обврските од двата билатерални договори со Грција и Бугарија. Овој критериум за добрососедство и двата билатерални договори се спомнати во општиот дел на преговарачката рамка, бидејќи се поврзани со Спогодбата за стабилизирање и асоцирање, чии одредби се на сила. Секој кој ви вели дека во рамката не им е место, и дека место во рамката им е само на Копенхашките критериуми (тука се фундаменталните човекови права и слободи и правата на малцинските заедници) најдрско манипулира. И Хрватска беше дел од процесот за стабилизирање и асоцирање, а дел од тој процес се и кандидатките Србија и Албанија, и во сите рамки доборососедството било наведено како критериум; или по однос на рамката на Албанија ќе биде наведено како критерум.
 
Зад оваа вештачка дилема и поврзана полемика, всушност се затскрива вистинското прашање: Дали и колку, односно на кој начин сакаме да ги спроведеме обврските од билатералните договори, не заборавајќи дека во тие договори кои се ратификувани од нашето Собрание, има и друга страна која се прашува. Притоа, слушаме од дел од партиите и обликувачите на јавното мислење, дека договорите треба да се ревидираат, од други слушаме дека треба лефтерно да ги спроведуваме, на некое минимално за нас прифатливо ниво, но повторно предвид не се зема дека за тоа се прашува и другата страна.
 
И доколку имаме недоразбирање за ова со другата страна, а ги имаме засега само со Бугарија. кој е начинот да се надминат? Со раскинување на Договорот или низ разговори кои можат да траат неограничено? Второво поради асиметричноста (Бугарија е членка на ЕУ) автоматски значи и пролонгирање на почетокот на преговорите. Сите политички учесници во оваа дебата би било чесно и одговорно да се изјаснат околу придобивките наспроти последиците, за различни сценарија. Тоа до овој момент, најголем дел од нив, особено незадоволните од билатералните договори, не го прават, вели Тони Поповски.