„Тоа е политичка шизофренија“: Моника Зајкова за предлогот само дијаспората да гласа електронски


Фото: Б. Грданоски

 

Тврдите дека сте конзистентни во политиките, а кажувате контрадикторни работи. Тоа личи на политичка шизофренија.

Вака претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, окарактеризира некои од полтичките идеи на владејачкото мнозинство, особено таа дијаспората да гласа електронски, а гласачите во Македонија со отисок на прст.

„Мене малку сѐ ова ми наликува на политичка шизофренија. Лош збор е и можеби не треба да се соопшти, но да го појаснам: тоа е кога вие кажувате две контрадикторни работи, а тврдите дека сте конзистентни во политиките“, рече пратеничката Зајкова во денешното гостување во Радио Лидер.

„Ајде да се вратиме неколку месеци наназад. Дали владејачкото мнозинство поднесе закон со кој бара да се забранат двојни државјанства за пратениците, за да се покаже на јавноста дека тие немале двојни пасоши, голем дел од нив? И сега случајно запна и ‘нема решение’“, рече Зајкова.

Претседателката на ЛДП посочува дека Владата од една страна вели „добро, нема да има двојни пасоши“, а од друга страна ѝ вели на дијаспората „слушајте, дајте ни ги вие тука парите, гласајте нѐ ние да имаме пратеници, ама ако реши некој од вас да биде избран, е тогаш не може да бидете избрани“, бидејќи голем дел од тие луѓе кои што се наоѓаат во дијаспората де факто имаат двојни државјанства.

„Ќе помине ли законот за двојни државјанства? Јас барам да важи и за владините функционери. Па после да одиме на тоа дали ќе имаме електронско гласање за сите или само за дијаспората. Не може вие да им го одземате пасивното избирачко право, а им велите ‘еве ви активно избирачко право’“, рече Моника Зајкова.