Тивок протест за зачувување на Маларична во Охрид – зошто да не се изгради приватна зграда

Откако некои невладини организации предупредија дека на местото на таканаречената Маларична во Охрид ќе се гради приватна зграда, јавноста реагираше, но најмногу по социјалните мрежи.
Една од последните реакции е на охриѓанец кој се обиде со прераскажување на историјата на оваа медицинска зграда да допре до разумот на градските власти (колку за иронија сегашниот градоначалник е стоматолог, вработен во институцијата која ја претставува Маларична), па вели:
„Новите генерации охриѓани имаат некоја чудна тенденција да го уништуваат природното и културното наследство. Не им значат ништо природните богатства, историјата, нештата изградени од оние пред нас. Многу лесно одлучуваат да го збришат минатото, а со тоа и споменот за некои минати генерации кои дале значаен белег на Охрид и околината. Во моментов во таква опасност е делот на централното градско подрачје, кај народот познат како Маларична (заедно со репрезентативен архитектонски објект од почетокот на ХХ век и училишен парк со децениски стебла).
Наместо постојниот објект на Маларична да се реновира, па ако треба и надгради во средината, каде што се наоѓаат приземни простории, и да остане со истата намена, тука општината планира да го отуѓи државното земјиште за да се изгради огромна приватна зграда. Не медицинска установа, не здравствен дом, нити педијатриско одделение, туку нешто нетипично и би рекол непотребно во тој дел. Нова станбена зграда во висина над Охридската Гимназија, а по обем двојно поголема!
Објектот на Маларична се врзува со името на д-р Елена Етингер – Каваева, исклучителна хуманистка, дојдена на почетокот од дваесеттиот век од далечната Русија, придружувајќи го својот сопруг Владимир Кавај, исто така лекар, двајцата напуштајќи високи општествени позиции и блескава кариера, за да бидат од полза на обичниот човек во Македонија. Не постои повозрасен жител на Охрид кој не се сеќава или барем не чул за д-р Каваева, првата лекарка во нашиот град и пошироко, која речиси сиот свој работен век до најстари дни го минала тука, помагајќи дење и ноќе секому кому му била потребна лекарска помош, без разлика на потекло и социјален статус. Владимир Кавај бил роден во Охрид кон крајот на деветнаесеттиот век, од мајка охриѓанка и татко стружанец. Неговиот краток животен век бил многу динамичен, а желбата за учење го одвела дури до Бејрут, на Американскиот медицински институт, каде заминува заедно со Лев Огненов. Откако се затворил институтот, му пишува на својот пријател Сава Чукалов да му се најде во Петроград. Таму се запишува на Военомедицинската академија, која со успех ја завршува и добива работа во 169. Петроградска болница. Тука, во 1916 година, се запознава со својата идна сопруга, со која после неколку години заради сплет на околности се враќаат во Македонија, односно тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.
Лекарската двојка Каваеви – Владимир како хирург, а Елена како педијатар биле единствените лекари од Македонија кои имале дозвола да лекуваат во Албанија во дваесеттите години на минатиот век. Најпрвин делувале во Струга, кратко време и во Албанија, за да во 1927 година се населат во Охрид. Истата година, според достапните податоци, го подигнале објектот на денешната Маларична. Прераната смрт на нејзиниот сопруг Владимир ќе ја натера д-р Каваева со невидена страст да ѝ се посвети на професијата. За неа не постои ништо друго освен работата. Нејзина најголема љубов ќе бидат децата. Таа е основоположник на педијатријата во Македонија, а во 1947 година станала раководителка на првиот детски диспанзер во Охрид. Ќе се пензионира во 1966 година. Ќе остане запаметена по строгоста, пожртвуваноста и советите што им ги делела на родителите, во однос на одгледувањето на децата.
До почетокот на новиот милениум детскиот диспанзер функционираше во просториите на Маларична, тука се вакцинираа новороденчињата, а ние кои бевме пациенти се сеќаваме дека од главниот ходник имаше две врати – диспанзер за здраво и за болно дете. Во осумдесеттите тука се изгради нова зграда каде беше сместена детска стоматологија. Денеска детското одделение се наоѓа во Градската болница. После децении, остана без дежурна служба, па најмладите охридски пациенти мора да одат до Струга за да се изврши преглед или одредена интервенција. Името на д-р Елена Етингер – Каваева сè помалку се спомнува, нити објектот на Маларична нити детското одделение го носат симболично нејзиното име, или пак некоја градска улица е именувана по неа или нејзиниот сопруг. Единствен спомен е сегашниот објект на Маларична, кој е своевиден музеј, историска градба.
Овој текст го пишувам како реакција на предложениот плански опфат, и барам од надлежните да го повлечат додека е време, да се запре уништувањето на здравствената установа, на училишниот парк и старата градска куќа изградена истата година кога и Маларична. Ги повикувам охридските лекари, медицинските работници од Општина Охрид да го кренат својот глас против уништување на споменот за д-р Каваева и на овој простор да остане здравствениот дом, како што е досега, па можеби во иднина тука повторно да биде детското одделение, или некој иден педијатриски центар. Ги повикувам и охриѓани, да не бидат само неми сведоци на уништувањето на она што е вредно во Охрид, туку да реагираат сега, за да ни остане овој простор каков што е. Во биографијата на сегашниот градоначалник на Охрид пишува дека е стоматолог, специјалист по детска и превентивна стоматологија, а пред да ја извршува јавната функција бил вработен во ЈЗУ Здравствен дом Охрид (другото име за Маларична). Се надевам дека совеста и професионалниот интегритет ќе натежнат на вистинската страна и ќе остане запаметен дека го одбрал јавниот наместо приватниот интерес“.
Инаку, како што објави Охрид SOS пред дваесетина дена, на местото на Здравствениот дом „Маларична“ во Охрид треба да се гради станбена зграда на пет ката.
Во писмото лиферувано до медиумите, од Иницијативата посочуваат дека во Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 во Охрид, е поместена копија од Синтезен план – намена на земјиштето со граница на плански опфат, во која може да се види „што некој испланирал за оваа локација“.
„Со новиот ДУП, наспроти Гимназијата ќе се надвисне станбена зграда со висина П+4 на целиот простор на сегашната Маларична, заземајќи и половина од сегашниот паркинг сè до оградата на основното училиште. Со оваа зграда, Охрид ќе добие уште 10.501 м2 станбена површина или половина од она што се гради годишно. Добро знаеме дека досегашната урбанизација резултира во половина од становите да зјаат празни на сметка на хуманото живеење. Но, затоа изведувачот ќе биде побогат“, се посочува во реакцијата.
Од „Охрид SOS“ уште го посочуваат како интересен моментот дека како нарачател на односниот план е OОУ „Григор Прличев”, со нелогичност училиштето да иницира таква планска програма со која му се одзема огромен дел од катастарската парцела за во новиот проект целото зеленило да се претвори во паркинг за новиот станбен објект.
Според активистите на Граѓанската иницијатива, урбанизацијата со овој ДУП е директно на штета на автентичноста и интегритетот на културното наследство. Тие потсетуваат дека согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029), за зоната каде припаѓа односниот ДУП важи дека при уредување на просторот прифатливи методи се обнова на постојните и изградба на нови градби со почитување на амбиенталните карактеристики на целината, традиционалните форми, карактеристиките на пејзажот и хармонијата на целината.
Притоа се нагласува дека „Планот забранува окрупнување на градежни парцели“, токму за да се превенира изградба на габаритни објекти. Исто така, новите градби треба да имаат „габарит кој е усогласен со контекстот и не ја нарушува визуелната перцепција кон целината Старо градско јадро“ и „силуета која го почитува традиционалниот локален карактер и силуетата на просторот каде се градат.“
Од „Охрид SOS“ нагласуваат дека Планот е за на хартија, дека како и во други случаи, Општина Охрид турка ДУП кој не добил позитивно мислење од Комисијата за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, дека го нема во СОЖС која е на јавна расправа.
„Со тоа, по кој знае кој пат, Општина Охрид го прекршува Законот за управување со светското светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион – оној кој токму таа треба бескомпромисно да го почитува“, посочуваат од „Охрид SOS“