Тилот и националноста!


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Наместо резигнираност и разочараност, владејачката, но и целата политичка класа, сега треба да ги мобилизира највредните елементи на националниот дух

 

Нацијата и националноста повторно стануваат тема на денот. Додуша, тие никогаш не престанале да бидат тоа. Но, овој пат се обистинува тезата на Французинот Анри Барбис дека во името на нацијата национализмот  прикажува многу злодела како доблести. Не знам дали оваа своја мисла Барбис ја искажал врз основа на личната осведоченост во страдањето на нациите за време на Првата светска војна на фронтовите на Балканот. Но, секако и овој пат се покажа дека политиката на големи држави им прави штети не само на соседите туку и на подалечните пријатели на соседите. Бугарскиот експанзионистички национализам дејствувајќи преку владата на Република Бугарија, во името на националните интереси на бугарскиот народ, ја блокираше  афирмацијата на македонската нација во рамките на европската, вовлекувајќи ја во својата игра и Европската Унија.

Логично, тоа од македонска страна покренува одбранбени реакции. Не е за чудење што некои од нив се од арсеналот на одбранбениот национализам. За волја на вистината, официјалната македонска политика во ликот на македонската влада се држи многу внимателно. Таа дури делува како исплашен зајак, веројатно водејќи се од девизата да не се гризе раката која треба да даде нешто.

Важноста на ваквите реакции во вакви моменти е во тоа што во вакви моменти се утврдуваат столбовите на националниот дух. Затоа, наместо резигнираност и разочараност, владејачката, но и целата политичка класа сега треба да ги мобилизира највредните елементи на националниот дух. А ако има некој таков елемент кој е карактеристичен за македонскиот национален дух и за кој може да се рече дека е типично македонски, тоа  е токму истрајноста, пркосот, борбеноста, бунтовноста и револуционерноста. Да! Знам дека многумина ќе прашаат од кај сега ова. Па нели ние сами себеси се гледаме во деминутив, како Македончиња – мали, ситни безначајни, луѓе кои кубирите ги чуваат само за украс. Но, не било од секогаш така и не е сосем така.

Всушност, убеден сум дека јунаштвото кое нашите соседи подолго време го покажуваат врз нас произлегува од нивните историски претстави за нас како поборбени, побунтовни и послободарски насочени од нив. Сегашниот обид на Бугарија, претходниот на Грција или идниот на некоја друг сосед се нивни обиди да се справат со таквите елементи од нашиот национален дух. Да го зауздат сега додека тој сѐ уште е смушен, слаб и сѐ уште успан и додека тие имаат јасна стартна предност во натпреварот по јунаштво. Тие се плашат од будење на борбениот македонизам.

За него, во бугарската етнографија, на пример, зборува претставата за рамниот тил на „врелите Македонци“. Според едно бугарско предание кое се пренесува во форма на популарен виц, Македонците, за разлика од Бугарите имаат рамни тилови. Причината за тоа не била природна и антрополошка туку воспитна, културна и историска. Според ова предание, уште откако ќе прооди Македончето неговите родители секојдневно и упорно го удираат по тилот велејќи му: Оди и бори се за Македонија. Така од ден на ден, додека пораснат тилот им се сплескува и станува рамен, а тие стануваат бунтовници и револуционери – формираат еден или друг, внатрешен или надворешен револуционерен комитет.

Покрај вицовите и народните преданија, за ваквата претстава на Бугарите за Македонците зборуваат и научни извори. Така, на пример, францускиот славист Пол Гард (во Балкански дискурс: зборови и луѓе) пишува дека во очите на Бугарите, Македонците се „насилни, вечни бунтовници“. Според него, за разлика од Бугарите кои биле ослободени и обезбедени со држава од други, Македонците се страдалници, бунтовници и револуционери оставени сами на себе.

Ваквите кажувања ја отвораат темата за изворот на разликите помеѓу нациите воопшто, а помеѓу македонската и бугарската нација, посебно. Нациите не се ниту природни ниту од бога зададени, туку човечки создадени творби. Тие се политички творби кои настануваат во одредени општествени услови и во даден историски момент. Идејата за македонската национална самобитност со споменатите одлики на бунтовништво и револуционерност кои ќе ги забележи и светот се појавува во втората половина на деветнаесеттиот век. Дури и да ја прифатиме широко распространетата теза дека македонското прашање на историската сцена се поставува после 1878 година (Берлинскиот конгрес) тоа е далеку пред 1944 година и далеку пред Коминтерната, пред Сталин и Тито.

Македонското бунтовништво и врз него изградената национална епопеја беа израз на отпорот кон настојувањата на соседските националистички пропаганди и политики да го грцизираат, бугаризираат или посрбат населението во тогашната отоманска Македонија. Сега откако македонизмот фати свои корени, нема како тој да биде искоренет. Шансите да се натераат денешните Македонци да признаат дека биле или дека се Грци, Бугари или нешто друго освен Македонци, се еднакви на шансите од мулето или маската да направат коњ или магаре. Тоа ќе се случи кога ќе си ги видиме нашите рамни тилови. Тоа не може и нема никогаш да се случи. Но затоа пак,  политиките насочени кон таква цел ќе завршат со општа осуда за нив како политики водени од магарешки инает и покрај тоа што тие самите ќе одрекуваат дека тоа го прават од инает (Борисов).

Борбеноста, истрајноста и достоинството на Македонецот се неискоренливи. Тие се всадени во „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“ (Петре М. Андреевски). Таквата конституција на Македонецот денес, во дадените околности, треба да се покаже како издржливоста на пирејот. Нема да нѐ искоренат. Сѐ и да сакаат не можат.

На ниту еден од нив Македонија и македонството не му лежат како нам. Ниту еден од нив македонската симболика не ја сака заради неа самата. туку како слугинка на идејата за Голема Грција или Голема Бугарија. А Македонија била, е и ќе биде поголема и посилна од нив. Но, и од нас самите. Такви какви што сме денес, мали, ситни и разединети би било лудост да посегаме по сѐ што некогаш и некаде се нарекувало македонско.

Ние денешните Македонци, сме нови, поикакви Македонци. Поинакви сме и од нашите најголеми револуционери од периодот во кој сме го заработиле епитетот на револуционери и бунтовници. Поинакви сме од Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев и многу други кои тогаш се идентификувале и како Бугари и како Македонци. Тие тогаш, на некој начин биле Бугари, а на друг начин станале Македонци. Ние денес сме Македонци, а сакаме да станеме и Европејци.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)