„Тесла“ најави нови вработувања во фабриките во Германија


Американскиот производител на електрични возила Tesla денеска соопшти дека планира да вработи уште 1.000 работници во својата фабрика во близина на Берлин за да го зголеми производството во услови на зголемена побарувачка во Европа.

Новиот бран на вработувања следи по најавата во април дека фабриката во Гринхајде ќе добие 1.000 нови работници до крајот на јуни, со планирано зголемување на производството за околу 20 проценти, на приближно 6.000 возила неделно, за да се справи со зголемената побарувачка.

Сега планираат да вработат уште илјада работници, со планирано зголемување на производството од октомври на 7.500 автомобили неделно. Ова би значело дека фабриката треба да произведува 390.000 возила годишно. Првичните планови беа за 500.000 возила годишно.

Кон средината на мај, менаџментот соопшти и дека ќе вработи повеќе од 1.500 работници во фабриката за батерии во комплексот во близина на Берлин, во согласност со најавата на Илон Маск во 2020 година дека гигафабриката Берлин-Бранденбург треба да стане најголемата фабрика за батерии во светот.

Се очекува годишниот производствен капацитет на фабриката да се зголеми од сегашните осум на 18 гигават часови, со најавени инвестиции од речиси 250 милиони долари.

„Од батерии до електрични возила, очекуваме да почнеме да произведуваме сè на истата локација од 2027 година“, истакнаа тие во мај.

Продажбата на Tesla во ЕУ скокна за дури 77 проценти во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период минатата година, со нешто повеќе од 89 илјади регистрирани нови возила, покажаа податоците од здружението на производители ACEA. Само во мај се регистрирани речиси 22 илјади нови Tesla возила, што е речиси трипати повеќе отколку во истиот месец минатата година.