Тераса


ЛЕЈЛА САБИТ

Од симбол на ќеф, кафе и дружење стана симбол на будење, ослободување и дистанцирање, тука или во Италија, не е важно.

Домот за некого беше спас, за некого затвор, терасата за некого значи враќање на нормала, а за некого привид кој не вади од дома но не и од реалноста.

Најпопуларната Гоцева тераса доби конкуренција во најомразената корона-тераса.

Еден до друг, а не сте блиски, седите тука, а сонувате за далечно егзотично место, сеирските муабети добиваат сериозен призвук, никој не се фали со материјалното, сите кукаат за трошоци, загуби и рецесија.

Очилата за сонце и мобилките се во втор план, пиете кафе покрај средство за дезинфекција, никој нема да ве прашува за дрес-код, тука дали носите маски.

Некогаш ќе ве пече сонце, некогаш ќе ви пристудува, ќе ве фати дожд или ветер ќе ви ги мрси косите, ама „слободата“ има цена.

Како гости ќе бидете тивки или галамџии, музиката ќе си остане гласна, ретко ќе дослушувате што ќе ви зборуваат, ама што е важно, на тераса сте!

Така е во животот, своето не си го цениме, туѓото ни е секогаш поубаво!

Кој има двор, не ужива во него, кој нема двор, вели умира во стан, кој има балкон, сонува за тераса, а тие со тераса ретко ве канат на кафе!

Терасата никого не може да направи господин и дама, ниту да ве скрие од туѓи погледи, тука се е ачик, од однесување, до зборување, мислење и филозофирање.

Треба да се има мерка и на тераса, особено да се почитуваат мерките кои живот значат!

На здравје прво или десето посткарантинско кафе послужено на тераса!