Телескопот SPHEREx започна мисија за мапирање на целото небо во 3D

Вселенскиот телескоп SPHEREx, кој припаѓа на американската вселенска агенција НАСА, започна мисија за мапирање на целото небо. Неговата задача е да го заврши овој процес во период од две години, со цел да го прошири разбирањето на раниот универзум.
Телескопот SPHEREx беше лансиран на почетокот на март, а неодамна почна да фотографира и да прави набљудувања откако ги изврши процедурите и проверките за поставување на системот. Овој телескоп ќе прави 14,5 орбити околу Земјата секој ден и ќе прави околу 3.600 фотографии дневно и ќе го набљудува небото во 102 бранови должини на инфрацрвена светлина. Набљудувањата на крајот ќе бидат комбинирани за да се создадат четири мапи „на целото небо“.
Истражувањето со телескопот SPHEREx ќе трае 25 месеци и ќе биде обемно. Вселенското летало орбитира околу Земјата од север кон југ, минувајќи над половите и фотографира по кружна линија на небото секој ден.
„Како што минуваат деновите и планетата се движи околу Сонцето, видното поле на телескопот ќе се менува така што по шест месеци ќе „гледа“ кон универзумот во сите правци“, соопшти НАСА.
Истражувачите ќе ги користат набљудувањата на SPHEREx за да го проучат ширењето на универзумот во моментите по Големата експлозија и ќе бараат состојки за живот на друго место во Млечниот Пат.