Текстилците очекуваа субвенциите за платите да продолжат и во јануари


Текстилниот Кластер очекувал државната помош да продолжи и во јануари. Претседателката на Текстилниот Кластер, Маријана Перковска вели дека секое пролонгирање на петтиот пакет на мерки и субвенции за платите на работниците значи неизвесност за голем дел од текстилните компаниите, но и за сите останати трудоинтензивни гранки.

-Очекувањата на компаниите беа дека по некој автоматизам поддршката ќе продолжи и во јануари. Не знам колку тоа временски ќе можат да го издржат компаниите? Навистина секојдневно во Кластерот се јавуваат компании, коишто најавуваат неможност да опстанат, потреба од затварање, а знаете дека секое производство многу лесно се затвара, а тешко  се  рестартира. Рестартирањето на текстилната индустрија скоро и да нема да може да e возможно. Така да секое пролонгирање на поддршката на компаниите има негативни реперкусии, вели Перковска.

Таа истакна дека до Владата доставиле и свои предлози, а за дел од критериумите кои се дадени за добивање на државната помош не одат во прилог на текстилниот сектор.

-Таму беше назначено, како услов и 30 отсто од падот на приходите, но кај трудоинтензивните гранки 30 отсто пад значи затворање на компаниите, помалку или повеќе. Затоа што оние кои работат лон производство, пад од 30 отсто е навистина катастрофално, вели Перковска.

Забележува дека во моментов македонските текстилни, но и останатите трудоинтензивни гранки мора да преживеат, имајќи во предвид дека во земјите во ЕУ, каде што извезуваат има затварање на молови, бутици и низа на заштитни мерки. Сметаат дека со имузниацијата на населението на пазарите, каде ги пласираат производите ќе се вратат во нормални текови, а очекувањата се до средината на 2021 година.