„Тегнењето јаже“ меѓу Земјата, Месечината и Сонцето може да предизвика движења на тектонските плочи
Ново истражување сугерира дека нема доволно енергија во внатрешноста на Земјата потребна за движење на тектонските плочи, а наместо тоа, неурамнотежените сили на гравитација помеѓу Земјата, Месечината и Сонцето заедно ја поттикнуваат циркулацијата на целата „мантија“
Тектонските плочи кои ја сочинуваат цврстата обвивка на Земјата секогаш се движат, влијаејќи на животот на нашата планета на различни начини.
Овие огромни плочи можеби се движат бавно, но создаваат многу од уникатните топографски карактеристики на Земјата како што се планини, бездни, поединечни острови, архипелази и океански ровови – сето тоа на континентално ниво.
Гравитационите интеракции помеѓу Земјата, Месечината и Сонцето би можеле да предизвикаат движење на тектонските плочи, велат научниците
Земјотресите, вулканите и цунамито, сепак, се исто така резултат на постојаниот тек на литосферата – карпестата кора и горниот дел од обвивката.
Просечната тектонска плоча може да се движи околу 40 мм годишно – приближно со иста брзина како што расте ноктот – додека најбрзата, плочата Наска во западна Јужна Америка, се движи околу 160 мм годишно, околу истата брзина со која што расте косата.
Доминантниот консензус за тоа што го поттикнува движењето на плочите одамна се воспостави на конвекциските струи во рамки на Земјината обвивка, теоретизираќи дека движењето на масивни количини топлинска енергија ги влече плочите наоколу одоздола.
Но, новото истражување на научниците од Универзитетот Вашингтон во Сент Луис сугерира дека нема доволно енергија во внатрешноста на Земјата потребна за движење на тектонските плочи, а наместо тоа, неурамнотежените сили на гравитација помеѓу Земјата, Месечината и Сонцето заедно ја поттикнуваат циркулацијата на целата „мантија“.
Разновидноста на движењата на плочите доаѓа од промените во големината и насоката на неурамнотежените гравитациски сили со текот на времето
Истражувачите рекоа дека плочите на Земјата можеби се поместуваат бидејќи Сонцето врши толку силна гравитација на Месечината што предизвикало орбитата на Месечината околу Земјата да се издолжи.
Со текот на времето, позицијата на „барицентарот“, или центарот на масата помеѓу телата кои орбитираат на Земјата и Месечината, се доближи до површината на Земјата. Сега осцилира 600 километри месечно во однос на геоцентарот (центарот на Земјата), велат научниците. Ова создава внатрешни напрегања додека Земјата продолжува да се врти.
„Бидејќи осцилирачкиот барицентар се наоѓа на околу 4.600 километри од геоцентарот, тангенцијалното орбитално забрзување на Земјата и соларното влечење се неурамнотежени освен во барицентарот“, рече професорката Ен Хофмајстер, која ја водела студијата.
„Топлите, дебели и силни внатрешни слоеви на планетата можат да ги издржат овие стресови, но нејзината тенка, студена, кршлива литосфера реагира со кршење“.
Понатаму, авторите тврдат дека секојдневното вртење на Земјата, кое ја израмнува планетата од совршена сферична форма, придонесува за овој кршлив дефект на литосферата.
Овие две независни напрегања создаваат мозаик од плочи забележани во надворешната обвивка, сугерираат авторите.
Разновидноста на движењата на плочите доаѓа од промените во големината и насоката на неурамнотежените гравитациски сили со текот на времето.
Тешко е за истражувачите да ја тестираат оваа теорија. Тие сугерираа дека поблиско испитување на кората на Плутон би можело да обезбеди дополнителни информации за тоа како тектонските плочи реагираат на гравитационите сили.
„Еден тест би бил детално испитување на тектониката на Плутон, кој е премногу мал и студен за конвекција, но има џиновска месечина и изненадувачки млада површина“, рече професорот Хофмајстер.
Студијата вклучува и споредба на карпести планети што покажува дека присуството и долговечноста на вулканизмот и тектонизмот зависат од конкретната комбинација на големината на месечината, орбиталната ориентација на месечината, близината до Сонцето и стапката на вртење и ладењето на телото.
Земјата е единствената карпеста планета со сите фактори потребни за тектониката на плочите, рече професорот Хофмајстер.
„Нашата уникатно голема месечина и особено растојанието од сонцето се од суштинско значење“, додаде таа.
Истражувањето е објавено од Геолошкото друштво на Америка. (Индипенент)