Таткото на Васил Јованов не му давал да вози без возачка, сведочат блиски од семејството


Фото: Б. Грданоски

 Васил, дури откога положи теоретски дел и дојде на ред полагање за градско возење, откако првиот пат падна, покажа интерес да се проба со возилото, но сопругот беше категоричен дека тоа нема да се случи додека не положи – изјави Ана Јованова, мајката на Васил Јованов, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје на судењето против сопругот Зоран Јованов. Тој е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејство или средства“ по сообраќајната несреќа, во која син му, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова, која почина на самото место.

Сите четворицата сведоци на одбраната, кои беа сослушани денеска, тврдеа дека Зоран Јованов никогаш „немал дадено, ниту одобрено“ и бил „секогаш категоричен против тоа Васил да управува возило додека не положи возачки испит“. 

Мајката на Васил, Ана, рече дека возилото „пежо 207“ е купено 2016 година, непосредно по нејзиното вработување на работно место што било пооддалечено и лошо поврзано со јавен превоз. Прашана дали Зоран некогаш го дал тоа возило на управување на Васил, Ана рече дека „апсолутно никогаш го нема дадено, ниту одобрено, и бил секогаш категорично против Васил да го употреби за каква било  пригода“. 

– Васил, дури откога положи теоретски дел и дојде на ред полагање за градско возење, откако првиот пат падна, покажа интерес да се проба со возилото, но сопругот беше категоричен дека тоа нема да се случи додека не положи – изјави Ана.

Таа нагласи дека кога забележале желба кај Васил да проба да го вози возилото, почнале да ги кријат клучевите до степен, како што вели, и „самата да заборавам каде ги имам ставено“.

– Клучевите практично секогаш беа кај мене зашто на Зоран тоа возило не му беше потребно, имаше друго – изјави мајката на Васил. 

Прашана дали Васил откога паднал на градска, побарал од Зоран да му помогне во обучувањето и каква била неговата реакција, Ана рече дека имало таква ситуација и тој бил децидно против. 

– Да, имаше таква ситуација и сопругот беше дециден дека не се нафаќа да го прави тоа и го насочи синот тоа да го прави со инструктор и да земе дополнителни часови – рече сведокот.

Прв беше сослушан сведокот Тошко, пријател на обвинетиот Зоран Јованов уште од школските денови, кој рече дека Зоран го познава многу долго и „дека е принципиелен, чесен, правдољубив и фер“. 

– Ги знам неговите ставови во поглед на прекршување на законот и тој е изречно против тоа и никогаш мислам дека не ги прекршил, ниту поттикнувал некого на тоа – изјави сведокот.

Сведокот, посочи дека колку што му е познато, Зоран поседува Фолксваген Пасат, а жена му има Пежо 208, нагласувајќи дека се блиски и присуствувал кога Васил барал возилото да го вози, а Зоран не му дозволувал. 

-Лично сум зборувал со Зоран, и сум го прашувал зошто не му купиш возило на Васил откако наполни 18 години, а одговорот беше нема шанси да му купам возило додека не положи возачки испит и не заврши факултет- изјави сведокот.

Прашан дали лично видел некогаш Васил да го бара, а Зоран да му го даде возилото, сведокот рече не. Тоа беше стрикно одбиено, бидејќи ставот на Зоран бил дека не може да вози додека нема положено и додека не заслужи- изјави сведокот.

Во судница беа сослушани и двајца сведоци од пошироката фамилија, но кои, како што рекоа комуницираат и се блиски со Јованови. 

Третиот сведок на одбраната, Маја, рече дека никогаш не видела Зоран да му го дава возилото Пежо на Васил да го управува, како и дека била сведок на повеќе ситуации каде Васил го барал тоа возило, но дека Зоран изричито кажувал дека „додека е тој жив, клучеви на Васил нема да му даде додека не положи“.

-Ставот на вујко ми бил дека секогаш треба да се почитуваат законите и доколку нема дозвола за управување моторно возило, никогаш нема да може да управува возило што е во негова сопственост – рече сведокот.

На прашање од јавната обвинителка Валентина Бислимовска дали тогаш мајката на Васил го давала возилото, сведокот рече не, секогаш било во присуство на двајцата и нивните став бил дека не може да управува возило додека не положи.

Последниот сведок, Грозде, исто така, од пошироката фамилија на Зоран, на прашање дали Васил го барал возилото Пежо да го управува, пред судор рече „ да, но никогаш не му го дал, ниту било кога на таа тема бил согласен со такво нешто, без да има возачка дозвола“.

– Ставот цело време беше ист и не само што не се менувал, туку и функционирањето на Зоран како родител било со барање да се почитуваат сите закони- рече сведокот.

Судењето продолжува на 28 април со испитување на уште четири сведоци, а во мај, како што е најавено ќе треба да биде сослушан и Васил Јованов. 

Судењето против Зоран Јованов, татко на Васил, почна во јуни 2025 година и тој се товари за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, откако во јануари 2025 година, неговиот син, Васил Јованов (осуден на 13 години затвор) управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, која почина на лице место.