Таткото на Вања: Немам врска со овие луѓе, сакам да зборувам и заради Мина

Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар, денеска сведочи на рочиштето за убиствата на неговата ќерка и велешанецот Панче Жежовски, а најмногу тоа го прави заради неговата втора ќерка Мина, за да ѝ каже дека „тато е истиот човек кој последен пат го виде, на 4 декември 2023 година“.
Тој, со емоции и плачење, одговараше на прашањата на неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.
Тој вели дека психички не е сигурен колку е подготвен да сведочи, но сака да даде исказ, пред сѐ поради Вања, затоа што во текот на истрагата и тука во судницата биле изнесени ноторни невистини.
– Сакам да зборувам и заради Мина, сакам да и порачам дека тато е истиот човек кој последен пат го виде, на 4 декември 2023 година. Оттогаш навака претставен сум во екстремно спротивно светло од она што сум. Се решив да ги потиснам емоциите и да го дадам овој исказ. Да соберам сила и храброст поради сите оние што ме познаваат и страдаат со мене, но и поради оние што не ме познаваат, да ја кажам вистината. Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе за кои приметив дека не чуствуваат ниту вина, ниту покајание. Приметив дека демонстрираат гнев и разочарување од т.н. ,,Цар”. Одново и одново слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне, кој да ја врзува. Ја трескале во гепеци, ја ставале во вреќа, психички и вршеле тортури, се обидувале да ги замачкаат трагите, како и за убиството на Панче и да успееле во тоа Господ знае уште колку киднапирања и убиства ќе следувале – сведочи тој.
Смета дека дава голем придонес во истрагата, а контактите на Гоце со полицијата и со Безбеден град помогнале во истрагата.
Тој истакна дека другите обвинети никогаш не ги познавал, ниту додека трајат рочиштата може да ги гледа.
-Претежно мижам во судница, ни тука не можам да ги гледам. Во минатото имам слушнато, се крена врева околу објектот ,,Тифани”, во чија близина живеам. Јјас тогаш за прв пат слушнав за Палевски. Го именуваа како Упа. Го немам видено на телевизија, ниту запознаено. Комшиите зборуваа дека е голем бизнисмен, дека му го стопирале објектот, дека „Партизанска“ е блокирана. Тогаш дознав дека живее во околината на „Песталици“, со голем двор, луксуз, и дека наводно имал куче. Исто така Зорица со родителите, во периодот кога почнавме да се забавуваме, живееше во зграда позната како зградата на Упа, изградена од Страшо директор на „Гранит“ – рече таткото на Вања.
За својот однос со децата вели дека тоа било љубов на прв поглед, особено со Вања. Ги чувал од малечки, се грижел за исхраната, додека биле болни, ги анимирал. Биле среќно семејство, а тој бил грижлив родител, загрижен за здравјето и се интересирал каде се движат.
– И кога пораснаа имавме апликација за да го следиме движењето на мобилниот. Во секое време знаевме каде се. Беа добро воспитани, ангели, кукли. Дури кога ќе останеа сами обавезно се јавуваа или кај мене или кај Зорица и телефонски да им правиме друштво по патот по дома – додава Александар.
Тој раскажа дека викендот, пред убиството, децата биле кај него на ручек. Откако подоцна се договориле да излезат со друштво, тој бил задолжен да ги носи со автомобил, зошто почнало да врне.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.